Засилено полициско обезбедување пред утрешното чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
Улиците затворени, полициски сили го обезбедуваат потегот околу црквата „Свети Спас“. Земјава се подготвува за утрешното одбележување на роденденот на Гоце Делчев. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски упати апел до граѓаните, побара да останат смирени. Уверува дека институциите работат и прибираат информации за да ја гарантираат безбедноста и да не дозволат инцидент или понижување на македонскиот народ и држава. Повик да не се подгрева национализам преку говор на омраза и омаловажување испрати и шефот на дипломатијата Османи…

Засилено полициско обезбедување околу црквата „Свети Спас“ пред утрешното чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Како мерка на претпазливост, затворена улицата „Самоилова“ која води до вечното почивалиште на револуционерот. В сабота, посебен сообраќаен режим и на околните улици кои водат до скопското Кале.
Нема да дозволам понижување на македонскиот народ-вели министерот за внатрешни работи Спасовски, кој упати апел за достоинствено чествување на великанот. Вели, институциите се подготвени да превенираат ескалација или инцидент.
„Сакам да упатам јасна порака до политичките субјекти и политичарите, да бидеме одговорни во овој процес. Бидејќи, неодговорноста не прави добро на граѓаните и државата, мирот и стабилноста е одговорност на секој еден од нас. Да се напушти таква реторика од разни 'патриотски институти' за тоа што можат да направат. Немојте како граѓани да подлегнувате на повик на кои било политички субјекти и да преземате надлежност на институциите. Ова е порака до сите коишто сакаат да учествуваат“, апелираше министерот Спасовски.
Порака за мирно и достоинствено одбележување на 4-ти февруари и од министерот за надворешни Османи. Посочи дека секој граѓанин на Бугарија и на која било држава е добредојден, но мора да се однесува со почит кон македонскиот народ.
„Да покажеме зрелост и да не дозволиме да се подгрева национализам преку говор на омраза и омаловажување. Ние сме држава која има европска перспектива. Со својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, сме пример во светот. Ве повикувам да опстоиме на тие наши вредности“, потенцираше Османи.
МВР потврди дека на свеченоста нема да има бугарски полицајци. Претседателот Пендаровски, одбележувањето на годишнината од раѓањето на Делчев го оцени како настан од висок ризик.
Викторија Милевска
