Институциите ја гарантираат безбедноста

Нема да се дозволат инциденти на чествувањето на Делчев

03.02.2023 14:16

Улиците затворени, полициски сили го обезбедуваат потегот околу „Свети Спас“. Министерот Спасовски уверува – институциите ќе ја гарантираат безбедноста и нема да дозволат инциденти на чествувањето на Делчев. Премиерот повика на обединување и порача-секој странски државјанин за кој службите оцениле дека може да ја наруши безбедноста, нема да биде пуштен преку граница…

Засилено полициско обезбедување околу црквата „Свети Спас“ пред утрешното чествување на годишнина од раѓањето на Гоце Делчев. Како мерка на претпазливост, затворена улицата „Самоилова“ која води до вечното почивалиште на револуционерот. В сабота посебен сообраќаен режим и на околните улици кои водат до скопското Кале.

Мирно и достојна почит кон македонскиот великан Гоце Делчев. Нема да се дозволат инциденти, тврди премиерот Ковачевски. Апелираше до патриотските здруженија да не прават провокации што би ја нарушиле атмосферата во државата, но и односите меѓу Македонија и Бугарија. Потврди дека бугарска делегација нема да учествува на годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер. За Ковачевски, декларацијата за наводна „ескалација на агресивни анти-бугарски активности во Македонија“ изгласана во бугарското Собрание е спротивна на Договорот за добрососедство. Евентуалната одлука за забрана за влез во земјава на бугарски државјани ќе се носи в сабота.

„Што се однесува за странски лица, доколку МВР има добиено информации од соодветните служби дека некое лице со влезот во државата ќе може да ги наруши националната безбедноста, владеењето на правото, јавното здравје и меѓународните односи на земјата, тогаш тие лица нема да влезат во државата, согласно Законот за странци. Такви одлуки се носат на денот на настанот“, изјави премиерот Ковачевски.

И министрите за внатрешни и за надворешни работи со апел за достоинствено чествување на великанот. Нема да се дозволи понижување на македонскиот народ.

„Сакам да упатам јасна порака до политичките субјекти и политичарите, да бидеме одговорни во овој процес. Бидејќи, неодговорноста не прави добро на граѓаните и државата, мирот и стабилноста е одговорност на секој еден од нас. Да се напушти таква реторика од разни ’патриотски институти‘ за тоа што можат да направат. Немојте како граѓани да подлегнувате на повик на кои било политички субјекти и да преземате надлежност на институциите. Ова е порака до сите коишто сакаат да учествуваат“, апелираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

„Да покажеме зрелост и да не дозволиме да се подгрева национализам преку говор на омраза и омаловажување. Ние сме држава која има европска перспектива. Со својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, сме пример во светот. Ве повикувам да опстоиме на тие наши вредности“, потенцираше шефот на дипломатијата, Бујар Османи.

МВР потврди дека на свеченоста нема да има бугарски полицајци. Советот за безбедност одбележувањето на годишнината од раѓањето на Делчев го оцени како настан од висок ризик.

Викторија Милевска