Украина

Киев бара влез во ЕУ, Брисел очекува борба против корупцијата

03.02.2023 14:22

Челниците на блокот пречекани со активирани сирени за воздушен напад. Европското семејство ветува поголема воена, финансиска и политичка помош. Руските трупи продолжуваат со притисокот во регионот Доњецк, што според генералштабот на Украинската армија, претставува знак дека Москва се подготвува за голем офанзива...

Европските лидери во посета на Киев пред годишнината од стартот на руската инвазија на Украина. Челниците на блокот пречекани со активирани сирени за воздушен напад. Европското семејство ветува поголема воена, финансиска и политичка помош. Од Владата на Киев, која инсистира на забрзување на процесот за полноправно членство, Брисел очекува порешителни чекори во борбата против корупцијата. Украина доби кандидатски статус четири месеци по почетокот на инвазијата.

„Непријателот е во фаза кога поразот е веќе јасен. Нашата интеграција мора да му даде енергија и мотив на нашиот народ да се бори со какви било пречки и закани. Верувам дека Украина заслужува да започне преговори за членство во ЕУ оваа година“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Најавено е формирање на Меѓународен центар за гонење на злосторствата, лоциран во Хаг. 25 милиони евра ќе бидат искористени за деминирање на областите кои беа ослободени од руските сили. Германија веќе одобри извоз на десетици оклопни возила од постарата и најновата генерација тенкови „Леопард“.

„Мора да ве поддржуваме кога се соочувате со војна, но и кога градите мир и сè што следува по тоа. Состаноков е целосен доказ за нашата поддршка за Украина и заедничкиот ангажман бидејќи вие се борите и за нашите вредности. Вашата победа ќе биде победа на вредностите на ЕУ“, изјави Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија.

„Средбите значат посилна конекција и поврзаност меѓу ЕУ и Украина на институционално, но и лично ниво, поголема интеграција на земјава во Унијата, дополнителни санкции против Русија како агресор“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

Руското МНР предупреди – Унијата тоне во рецесија и со себе ја влече и Украина. Официјална Москва со осуда за новите испораки на оружје, кои според Кремљ, ќе резултираат со ескалација на конфликтот, но нема да го променат неговиот курс. Демант и за тврдењата дека директорот на ЦИА во јануари отпатувал во Москва со таен мировен предлог кој подразбирал Украина да ѝ отстапи петтина од својата територија на Русија. Негативен коментар и за ембаргото на нафтените производи.

„Мировниот план е дезинформација! Нашиот став е негативен и околу ембаргото, веќе зборувавме за тоа. Ќе се предизвика поголем дисбаланс на меѓународниот пазар за енергетика. Ние, секако, преземаме мерки да го заштитиме нашиот интерес од ризиците кои произлегуваат од ова“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Руските трупи продолжуваат со притисокот во регионот Доњецк, што според генералштабот на Украинската армија, претставува знак дека Москва се подготвува за голем офанзива. Во меѓувреме, руската армија продолжува и со нападите врз цивилните и инфраструктурните цели.

 

 

Маја С. Филдишев