Нов закон за амнестија и комбинаторики за мнозинство
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата предлагаат нов Закон за амнестија на сите осудени за собраниските настани од 27-ми април 2017-та. Во меѓувреме партиски комбинаторики има или не мнозинство? Работните групи на СДСМ и Алијанса за Албанците финишираат со кадровските решенија. ВМРО-ДПМНЕ тврди мнозинство нема. Реконструкција во тимот на Ковачевски, се најавува до средината на месецов…

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со Предлог-закон за амнестија на осудените за настаните во Собранието од 27-та април 2017-та година. Предлогот доаѓа по иницијативата на тројца адвокати. Се бара амнестија на сите осудени кои опслужуваат затворската казна или сè уште немаат правосилна пресуда. ВМРО-ДПМНЕ бара поддршка од сите пратеници.
„Многу важно е да се напомене дека овој Предлог на закон е само продолжение на претходниот Закон за амнестија кој е донесен во декември 2018-та година, но со една голема и суштинска исправка, а тоа е надминување на селективноста и селективната правда којашто произлегуваше од законот донесен во 2018-та година. Напоменувам, со овој закон ќе бидат опфатени сите осудени лица за настаните од 27-ми април, без исклучок“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Од владејачката СДСМ децидни-не смее да се амнестираат насилниците. Власта и опозицијата со свои калкулации дали има или не мнозинство за уставни измени. Од СДСМ сметаат дека коалицијата се зголемува.
Сè уште траат консултациите со Алијанса за Албанците и Алтернатива. Според ВМРО-ДПМНЕ пак, мнозинство нема, а пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи одлуката дали ќе го поддржи зголемувањето на парламентарното мнозинство ќе ја донесе по консултациите со гласачите од неговата изборна единица.
Според најавите, реконструкција на кабинетот на Ковачевски би се случил до средината на февруари.
Ирина Гелевска
