КСС

Работниците не си ги знаат правата за безбедност и здравје при работа

03.02.2023 14:53

Закон има, ама работниците ниту си ги знаат правата за безбедност и здравје при работа, ниту сите компании ги почитуваат одредбите. Ова резултира со несреќи, повреди, разболувања, покажа спроведената анализа на Конфедерцијата на слободни синдикати...

Работниците да добиваат обуки и да ги запознаат своите права. Здравјето и безбедноста на работното место да станат фундаментално право за работниците-повикуваат од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија. Тие велат дека здравјето на работниците е од особена важност и за работодавците, исто така, и за Владата.

Работниците не се заштитени на работните места, безбедноста е на ниско ниво, трпат притисоци од работодавците – по претставената анализа, синдикатите бараат да се стегне законската регулатива за нивните права во оваа сфера. Мора да се обезбеди база на податоци, колку луѓе се повредени или се жртви во несреќа при работа.

И надлежните признаваат дека тешко се доаѓа до информации, државата нема официјална статистика, ниту анализа за заштитата и безбедноста на работниците. Ситуациите повлекуваат, не само жртви и финансиски трошоци туку и одлив на кадри од државава.

Според анализата, од вкупно 137 дадени одговори, само 22% потврдно одговориле дека во целост се запознаени со одредбите од законот за безбедност и здравје при работа.

 

Александра Максимовска