Друштво на писатели

Мојсова-Чепишевска за наградениот роман на Андоновски - „Папокот на светлината“: Во душата да ни гори кандилце

03.02.2023 15:46

Неодамна беше објавена првата рецензија за најновиот роман на Венко Андоновски, „Папокот на светлината“, денес беше соопштено дека на истакнатиот македонски писател му е доделена наградата на Друштвото на писателите на Македонија, „Стале Попов“, за најдобро прозно остварување во 2022 година...

Неодамна беше објавена првата рецензија за најновиот роман на Венко Андоновски, „Папокот на светлината“, за којшто денес беше соопштено дека на истакнатиот македонски писател му е доделена наградата на Друштвото на писателите на Македонија, „Стале Попов“, за најдобро прозно остварување во 2022 година. Првиот одглас на македонската книжевна критика за романот на Андоновски беше од универзитетската професорка и книжевна критичарка, водечки познавач на современата македонска книжевност, Весна Мојсова-Чепишевска.

Осврнувајќи се на „Папокот на светлината“, таа, како одличен познавач на опусот на Венко Андоновски, во реценцијата го коментира и претходното негово прозно творештво, од збирката раскази „Фрески и гротески“ објавена пред триесет години, преку „Папокот на светот“ објавен пред две децении до денес. Притоа и напоменува дека токму таму каде што заврши неговиот романот „Азбуката за непослушните“ започна „Папокот на светот“, објавен пред дваесет години.

Во рецензијата, истакнатата книжевна критичарка напоменува дека и во овој роман доминира бројот три како и во првиот, при што се осврнува на трите приказни во „Папокот на светлината“. Првата е монолошки организирана и се чита како исповед на еден писател – има функција на монодрама. Втората е развиена низ две гледни точки на два женски лика, и според Мојсова-Чепишевска како структура го го има ехото на „Пиреј“ од Петре М. Андреевски.  Во неа, според критичарката, како целосно да е имплемтирана тезата од прочуената книга на Мартин Бубер „Јас и ти“: „Јас настанувам во допирот со Ти, настанувајќи јас, јас говорам Ти. Целиот вистински живот е средба.“

Дијалогот што е основата на втората приказна, како што истакнува Мојсова-Чепишевска станува услов за да се развие и третата, која е најобемна и го носи насловот и на целиот роман.

Наградата „Стале Попов“, Андоновски ја добива по третпат. Претходно ја има добиено и за романот „Папокот на светот“, во 2000 година и за романот „Ќерката на математичарот“, во 2013 година.Инаку, со беседа на Весна Мојсова-Чепишевска за дотогашното творештво на Венко Андоновски, во декември минатата година започна и големата промоција на романот „Папокот на светлината“. Нејзината рецензија е прв одглас на македонската книжевна критика за ова прозно остварување на Андоновски.