Европските лидери со ветувања за поголема поддршка за Украина
Европските лидери со ветувања за поголема воена, финансиска и политичка поддршка за Украина. Пред стартот на самитот во Киев, повторно тревога за опасност. Украина тврди – Москва се подготвува за голема офанзива. Германија одобри извоз на тенковите „Леопард“...

Европските лидери во посета на Киев пред годишнината од стартот на руската инвазија на Украина. Челниците на блокот пречекани со активирани сирени за воздушен напад. Од владата на Киев, која инсистира на забрзување на процесот за полноправно членство, Брисел очекува посилна борба против корупцијата.
„Самитот покажа дека нашата интеграција е неповратна и има целосна поддршка од ЕУ. Дискутиравме и за заострување на санкциите за Русија. Очекуваме и десетти пакет санкции“, изјави Володимир Зеленски -претседател на Украина.
„ЕУ ќе ве поддржи на секој начин колку и да е потребно, не се плашиме и нема да се плашиме од Кремљ, зашто Украина и ЕУ се семејство. Украинскиот народ избра слобода, демократија и владеењето на правото, вашата иднина е со нас“, рече Шарл Мишел- претседател на европскиот совет.
Најавено е формирање на меѓународен центар за гонење на злосторствата, лоциран во Хаг, 25 милиони евра ќе бидат искористени за деминирање на областите кои беа ослободени од руските сили. Германија веќе одобри извоз на десетици оклопни возила од постарата генерација тенкови „Леопард“.
„Украина е една од најзагадените земји во светот со воени артефакти од секаков тип. овие екипи вршат огромна работа со тоа што го расчистуваат теренот за да биде безбеден“, изјави Жозеп Борел- шеф на европската дипломатија.
Паралелно со самитот во Киев, во Москва, Совет за национална безбедност.
„Разговараме за прашање од исклучителна важност за внатрешната безбедност на нашата земја. Во минатите децении не ја загуби важноста во повеќето земји во светот, а денес, има особена значајност за нас. Зборувам за борбата против тероризмот“, изјави Владимир Путин- претседател на Русија.
Официјална Москва со осуда за новите испораки на оружје, кои според Кремљ, ќе резултираат со ескалација на конфликтот, но нема да го променат неговиот курс. Демант и за тврдењата дека директорот на Циа во јануари отпатувал во Москва, со таен мировен предлог кој подразбирал Украина да ѝ отстапи петтина од својата територија на Русија во замена за мир.
Руските трупи продолжуваат со притисокот во регионот Доњецк, што според генералштабот на украинската армија, претставува знак дека Москва се подготвува за голем офанзива.
Маја С.Филдишев
