Марко Џамбазоски: Филмот за Мизар дава поттик за нови проекти
Едно ново искуство со својата приказна за ѕвездата на надежда имаше и Марко Џамбазоски, сценарист, монтажер и режисер на документарниот филм посветен на почетоците на македонскиот култен бенд Мизар...

Љубител на 101, Божествената дама, Мице диск-џокеј, Направи сам, Филигрански плочници, Пикап артист, Пролог, Сидо, Вонземјанинот Ли, беа дел од завршната програма на Скопскиот филмски фестивал кој од оваа година во соработка со факултетот за драмски уметности воведе и вечер на студенски филмови.
Низ 9-те филмови беа обработени широки размислувања, ставови, прашања необични теми, фантастични и секојдневни. Едно ново искуство со својата приказна за ѕвездата на надежда имаше и Марко Џамбазоски, сценарист,монтажер и режисер на документарниот филм посветен на почетоците на македонскиот култен бенд Мизар.
„До идејата за филмот дојдов од повеќе причини. Првата е што јас како музичар својата инспирација ја црпам од постарите бендови, а втората која можеби имаше и поголемо влијание е тоа што мојот татко е првиот тапанар на Мизар и од него го дознав патот на пробивањето на бендот, за проблемите на кои наидувале. Тоа ми се виде интересно, затоа што Мизар бил многу поразличен од останатите бендови. Тие имале своја филозофија до која упорно се придржувале“, вели Марко Џамбазоски, сценарист, монтажер и режисер на документарниот филм „Ѕвезда на надежда“.
Во филмот се користени досега необјавени материјали од бендот, но и видео материјали од документацијата на Македонската телевизија. Приказната за почетоците на бендот, авторот ја води низ сеќавањата на основачите и членовите на бендот Горазд Чаповски, Панта Џамбазоски, Илија Стојановски, Горан Таневски и Слободан Стојков.Документарецот говори за односот на тогашниот политички систем во Југославија и упорната желба на бендот да го промени опшеството.
Во областа на филмот Марко Џамбазоски зачекорил со краткометражниот филм Погрешна пресуда и Фејсбук парада, но во оваа млада уметничка душа подеднакво се чувствува и музичкиот порив кој го изразува како гитарист и автор во рок групата Визија за која членовите на составот велат дека е бенд од скопскиот асфалт кој експериментирајќи со повеќе рок стилови го пронајде својот специфичен израз.
„Филмот и музиката се поврзани на многу начини. Двете уметности се со доста допирни точки, тоа многу ми помага во монтажата, посебно во воспоставувањето на ритамот на сликата“, додава Џамбазоски.
Претставувањето пред публика дава нова можност, визија, перспектива, искуство, нов почеток.
„Претставувањето на овој филмски фестивал кој е еден од најдобрите во земјата за мене претставува поттик за нови проекти и можност за напредок во кариерата. Ова е иксуство кое не упатува кон тоа да правиме подобри филмови кои ќе ни овозможат нови перспективи“, изјави Џамбазоски.
Весна Малјановска
