Засилено полициско обезбедување околу црквата „Свети Спас“
Полицијата ги контролира пристапите до црквата, а пристап имаат само акредитираните новинари кои поминуваат низ неколку безбедносни проверки.

Засилено полициско обезбедување има околу црквата „Свети Спас“ и по целата должина на улиците кои водат до храмот, каде денеска на гробот на Гоце Делчев цвеќе треба да положат повеќе делегации по повод 151-годишнината од неговото раѓање.
Полицијата ги контролира пристапите до црквата, а пристап имаат само акредитираните новинари кои поминуваат низ неколку безбедносни проверки.
На гробот на Делчев во црквата „Свети Спас“ цвеќе ќе положат делегации на државните институции, партии и граѓански здруженија.
Според најавите, почит пред гробот на Гоце Делчев ќе оддадат претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и делегација на Собранието, предводена од собранискиот потпретседател Горан Мисовски, придружуван од пратениците Снежана Калеска-Ванчева и Љупчо Пренџов.
МВР на Бугарија најави дека цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје ќе положат и бугарскиот вицепремиер задолжен за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и неговиот заменик Венцислав Катинов.
