Македонија

Се чествува раѓањето на Гоце Делчев

04.02.2023 13:36

Чествување на раѓањето на основоположникот на македонската револуционерна мисла Гоце Делчев. Државниот врв се поклони пред вечното почивалиште на идеологот. Од Владата велат дека визијата на великанот за единство и обединување е актуелна и за сегашните и за идните генерации. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски изјави дека е горд што имаме човек како Делчев да го славиме како дел од македонската историја, но истовремено е разочаран што наместо на пријателство, е сведок на поделби...

Со богослужба во црквата Свети Спас во Скопје почна чествувањето на раѓањето на основоположникот на македонската револуционерна мисла Гоце Делчев. Претседателот Пендаровски, премиерот Ковачевски и министрите Спасовски, Петровска и Стојчевска-Костадиновска беа дел од државната делегација која се поклони пред вечното почивалиште на македонскиот идеолог Делчев. Официјални изјави изостанаа, но во соопштението од Владата се наведува дека визијата на великанот за единство и обединување е актуелна и за сегашните и за идните генерации.

„Пораките на Делчев за единство и сплотеност, кога станува збор за националните интереси и за државните стратешки цели се подеднакво актуелни и денеска и се света обврска за секого. И додека ја градиме Република Северна Македонија во едно општество за сите граѓани и ја интегрираме, по најголемиот безбедносен сојуз НАТО, што е веќе реалност и како полноправна и рамноправна членка на Европската Унија, во семејството на европски народи и држави“ – стои во соопштението од Владата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски изјави дека е горд што имаме човек како Делчев да го славиме како дел од македонската историја, но истовремено е разочаран што наместо на пријателство, е сведок на поделби.

Дел од политичарите кои поради безбедносните протоколи беа принудени подолго време да чекаат пред зоната на обезбедување за да им биде дозволено да се поклонат на споменот на револуционерот, по што оценија дека во организацијата имало пропусти.

Официјалниот дел од чествувањето на роденденот на Делчев мина во достоинствен амбиент, но под силно полициско обезбедување и засилени безбедносни контроли.

Анита Димитријевска Велковска