Зајакнати контроли на границите, системот повторно во функција
На граничните премини има зајакнати контроли, протоколи и правила според кои се пропуштаат граѓани да влезат во земјава. По неколкучасовен застој, системот за контрола на граничните премини е во функција…

Зголемено присуство на полицијата, засилени контроли, е сликата којашто може да се види од утринава на граничниот премин Деве Баир.
Како мерка на претпазливост поради шпекулациите коишто кружеа во јавноста изминативе денови, на преминот кон Бугарија, како и на патарините кон Скопје, е регистрирано поголемо присуство на полициски припадници. Се работи согласно безбедносен протокол.
По двочасовен застој поради пад на компјутерскиот систем, на Деве Баир, има минимален проток на патници на влезот и на излезот од земјава. Голем број патнички и товарни возила беа принудени да чекаат.
На преминот на македонско бугарската граница беше регистриран и помал инцидент. Тројца бугарски државјани вербално и со недолични зборови нападнаа полициски службеници. Истите се приведени, и полицијата работи на расчистување на случајот.
Повеќе часови на Деве Баир се задржаа и бугарски државјани, кои чекаа да заминат на чествувањето на годишнината на македонскиот револуционер Гоце Делчев во Скопје. Дел од нив одбија да чекаат и се вратија назад во матичната држава.
Според податоците на МВР, од 20 часот до 8 часот утринава, низ овој премин во државата влегле 249 лица од кои 144 странци.
Елена Георгиевска
