Ракомет

Кога не сака, не сака!

03.05.2014 20:18

Ќе жалиме и ќе сме горди истовремено. Вардар е колективот кој во недела дена не крева до ѕвездите и не треснува од земја. Не во негација, никако...

Нема историско финале, нема дебитантски финален подвиг, нема работа за архиварите во испишување на нов ред во европскиот клубски бележник. ЖРК Вардар СЦБТ нема да игра европско клубско финале во првата своја сезона меѓу европските дивови. Се бореа девојките но не издржаа. Будуќност ќе го одигра своето второ финале во низ, прво во формацијата фајнл-фор. Мачни 60 минути минаа на паркетот во ”Ласло Пап“ и обата тима, до 16:16, за по нив да следат две продолженија. Првото го одбележаа подгоричанките, второто вардарки, но не до крај моќно и потребно, за конечно, семафорот да застане на 22:20.

Ќе се навраќаме можеби на оној несреќно побаран тајм-аут од Индира Кастратовиќ на минута ипол до крајот на резултат 16:16 и гол постигнат па поништен од Николиќ. Ќе бараме, каде можевме, каде пропуштивме, што недостасуваше. Можеби недостасуваа стандардните погодоци од игра на Лекиќ (6, три од пенал), или прецизните удари на крилата Дембеле (2) и Радичевиќ(1). Се разигра Пино(6), но доцна. Штета, блескавата партија на Лејно(15) на вардаровиот гол што не се круниса со потребната заслуга.

Ќе жалиме и ќе сме горди истовремено. Вардар е колективот кој во недела дена не крева до ѕвездите и не треснува од земја. Не во негација, никако.

Се случи тоа што се случи вечерва во Будимпешта, црногорските девојки ја имаа среќата но не и играта за победа. Што е право ниту црвено-црните девојки не личеа на оној дрзок агресивен тим кои не навикна дека од натпревар во натпревар прогресира. Воиграноста, долгите години заедно веројатно се покажуваат пресудни во вакви моменти.

Но ништо, во игра сме, знаеме, има следна сезона, имаат мегдан и поважно капацитет каи овие девојки за докажување.  

Ќе ги гледаме и утре, ќе го играат дуелот за трето место во клупската континентална елита. Митјеланд ќе треба да се победи, тим кој во првото ½ финале беше поразен од екипата домаќин и бранител на тронот Ѓер 29:26.

Вардарки имаат годинава дуел со данските ракометарки, прво ние победивме дома, па тие дома, сега редот повторно е наш.

ЖРК Вардар СЦБТ-Митјиланд утре 14.30.