Бугарска делегација во Македонија

Демерџиев: Не сме дојдени да правиме провокации, туку да му оддадеме почит на Гоце Делчев

04.02.2023 15:56

На гробот на Делчев се поклонија и бугарска делегација и граѓани. Бугарскиот министер за внатрешни работи Демерџиев изјави дека треба заедно да одиме кон обединета Европа. „Мора да има доверба и почит меѓу политичарите од двете држави како што ја има меѓу двата народа“, вели тој…

Не сме дојдени да правиме провокации, туку да му оддадеме почит на Гоце Делчев, истакна предводникот на официјалната бугарска делегација, бугарскиот министер за внатрешни работи Демерџиев по чествувањето на 151-годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје. Истакна дека побарал од европратеникот Џамбаски и Костадин Костадинов да не доаѓаат во Македонија.

„Нема причина за провокации. Ние треба да одиме напред, а тоа е обединета Европа, тоа налага стабилност. Ние сме должни да изградиме сигурност и стабилност меѓу народите на двете држави. Ние не дојдовме овде да правиме провокации, туку да покажеме почит. Ние сме соседи и добрососедството треба да продолжи“, рече Демерџиев.

Прашан дали изјавите дека Македонија е Бугарија се во насока на добрососедските односи, Демерџиев одговори дека Република Бугарија прва ја признала Република Македонија и дека ги почитуваат македонскиот народ и држава.

„Соседи сме, треба да имаме добри односи и нашите народи треба да се зближени. Јасно е дека Северна Македонија е самостојна држава и немам намера да одговарам на провокации дека Македонија била бугарска. Ние ги почитуваме македонскиот народ и држава“, нагласи Демерџиев.

Чествувањето на раѓањето на Делчев од страна на бугарската делегација во црквата Свети Спас помина мирно, иако министерот за внатрешни Демерџиев рече дека биле преземени драконски мерки за безбедност од страна на македонската полиција.

Ирина Гелевска