Партии

ВМРО-ДПМНЕ: Хаосот со прославата на Делчев покажува системска неспособност

05.02.2023 09:50

Срамно е тоа што поделбите и омразата се толку големи што одбележувањето на раѓањето на херојот помина во знакот на стотици ангажирани полицајци, хеликоптери, борни коли, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Хаосот со прославата на раѓањето на Гоце Делчев покажува дека државата е во распаѓање и системска неспособност која се гледа во секоја од областите. Срамно е тоа што поделбите и омразата се толку големи што одбележувањето на раѓањето на херојот помина во знакот на стотици ангажирани полицајци, хеликоптери, борни коли, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова ли е заедничкото пријателство со Бугарија за кое СДС и ДУИ говорат. Постојани навреди, закани, омаловажувања кои доаѓаат од источниот сосед, додека Владата нема никаков одговор. Историска комисија чии позиции се сомнителни и без јасни ставови. Никој од јавноста не знае за што се преговара и кои се македонските позиции, велат од партијата.

Сликата на стотици полицајци како ги чуваат моштите на Гоце Делчев од живите наследници покажува дека државата е на погрешна патека. На погрешна патека сме и поради фактот што премиерот на државата Ковачевски и вицепремиерот Артан Груби со останатата свита како криминалци се прикрадоа на гробот на Делчев далеку од народот кој остана зад барикадите. Тоа е поради фактот што не сакаат соочување со народот. Тоа соочување мора да дојде, и ќе се случи на изборите кои се решение на тоа да престане пропаста на државата, стои во соопштението.