Куманово

Капацитетот на браните исполнет само 30 отсто

05.02.2023 10:43

Намалена количина на вода во браните Липково и Глажња. Од кумановско Водостопанство информираат дека сепак ќе има доволно вода за снабдување на двете општини. Се надеваат на врнежи во наредниот период.

Капацитетот на браните Липково и Глажња, со кои Куманово се снабдува со вода е исполнет само 30 отсто, но и покрај малата количина вода ќе има, нема потреба за грижење, информираат надлежните од  водостопанство „Кумановско липковско поле“.  Во браните вкупно има 9,8 милиони метри кубни вода. Проечно во јануари исполнетоста на браните е од 50 до 60 отсто.

„Изминатиот период од неколку дена имаше врнежи од дожд во кумановско липковскиот регион, што ни даде надеж дека во идниот период до почетокот на сезоната дека ќе имаме доволни количини на вода. Во моментот капацитетот на браните Глажња и Липково се исполнети со околу 30 проценти од вкупниот капацитет, што за овој период е доста мала количина на вода, но се надеваме дека во идниот период ќе има поголеми врнежи од дожд и снег и дека успешно ќе ја отпочнеме сезоната“, вели Оливер Илиевски, директор на Водостопанство „Кумановско- липковско поле“.

Од кумановското водостопанство појаснија дека не е затворен ниту третиот вод, познат како „бајпас“ до „Водовод“ Куманово.  Одлуката била донесена за да му се помогне на претпријатието, да ги намали сметките за електрична енергија.

„Од први декември наваму ЈП „Водовод“ има потпишано договор со ЕСМ за повластени цени на струја и сега во идниот период доколку продолжи ваквата состојба на браните, ќе го затвориме „бај пас“, но тоа ќе биде во месеците март и април и потоа повторно ќе биде пуштен“, дополни Илиевски.

Од претпријатието се надеваат дека ќе обезбедат вода и за земјоделците за наводнување. Годинава нема да се зголемат цените за наводнување. Во регионот има околу 1.000 до 3.000 земјоделци кои користат вода за наводнување.

 

Елена Георгиевска