Македонија

„Тетово транспорт“ работи со загуби, општината ќе го субвенционира јавниот превоз

05.02.2023 14:24

Јавното претпријатие „Тетово транспорт“ работи со загуби. Општината одлучи да го субвенционира и јавниот превоз, оти како што рекоа бил важен за граѓаните, кои треба што повеќе да го користат за почиста животна средина. Но автобусите, освен учениците ретко кој ги користи.

Градските автобуси во Тетово полупразни. Ретко кој сака да го користи јавниот превоз и покрај релативно ниската цена на картата, која изнесува 20 денари.

Поголемиот број од тетовци велат дека низ град одат или со велосипед или пеш, оти сообраќајниот хаос го попречува нормалниот проток на возила, особено на градските автобуси.

Од Општина Тетово велат дека ЈП „Тетово транспорт“ работи со загуби, но општината одлучила го субвенционира, оти неговото функционирање било важно за заштита на животната средина.

Општинската помош ќе продолжи сè додека претпријатието не застане на „здрави нозе“, на што се работи преку посебна план програма, која во себе содржи и точки за послободен проток на автобусите низ тетовските улици.

Во меѓувреме ќе се започне кампања, за бенефитите од користењето на јавниот превоз.

ЈП „Тетово Транспорт е оформено пред три години, кога општината ги купи петте градски автобуси кои започнаа да возат по тетовските улици една година подоцна. Новата локална власт одреден период го стави во мирување јавниот превоз, оти како што рекоа претпријатието работеле без контрола, работниците биле без придонеси и наместо во фирмата, се воделе како дел од вработени во Општина Тетово.

Зоран Димовски