Ракомет, Лига на шампионите, завршен турнир во Будимпешта

Вардар несреќно без финале

03.05.2014 20:37

Наместо за пехарот со унгарски Ѓер, утре ќе игра само во утешното финале за третото место со дански Митјиланд...

Европска титула сепак не, барем оваа година не. Ракометарките на Вардар СЦБТ нема да играат во финалето на годинашниот „фајнал фор“ турнир на Лигата на шампионките во Будимпешта. Нашиот првак во полуфиналето загуби од Будуќност со 22-20 по две продолженија од по пет минути, откако беше нерешено 16-16 во регуларното време. Наместо за пехарот со унгарски Ѓер, утре ќе игра само во утешното финале за третото место со дански Митјиланд. 
Вардер нема да се бори за европскиот престол поради исклучително лошиот влез во денешниот натпревар со ривалот од Подгорица и поради неснаодливоста во двете продолженија. Непотрербната нервоза и импресионираноста од значењето на настанот несфатливо ги парализираа „црвено-црните“, коишто го одиграа најлошото прво полувреме сезонава во елитата. Одбраната им беше во ред, но катастрофална им беше играта во напад. Четири постигнати гола во првите десет минути, потоа уште еден до 15-та и само уште еден до крајот на уводниот дел. Прескромни беа шесте погодока за 30 минути, додека Будуќност постигна 11. 
 
Таквата негатива ветуваше малку за во продолжението, но во критичната фаза по паузата Вардар сепак изнајде сили и инспирација за резултатски да се врати во мечот. Се играше гол за гол се до средишницата на второто полувреме, по што нашиот состав влезе во одлична серија од 4-0 за шест минути, намалувајќи на 15-14 во 51-та. Беше турбулентно и бурно во завршната фаза, а Вардар изедначи на 16-16 на две минути и 20 секунди пред крајот. Во тој момент никој не можеше да помисли дека тоа ќе биде конечниот резултат. Многу драма донесе финишот, а по две чудесни интервенции на Леино, Будуќност промаши напад на десет секунди пред истекот на времето, што отвори шанса за Вардар во последен миг. Сепак, Хмирова не успеа да погоди со звукот на сирената. Остана 16-16. 
 
Во првите пет дополнителни минути Будуќност направи 4-1, поведе со 20-17, што изгледаше недостижно, но Вардар пак смогна сили и изедначи во вториот екстра дел на 20-20. Немаше енергија да го притисне противникот и докрај, прими уште два гола во последната минута и пол, по што Будуќност се радуваше со 22-20 по вкупно 70 одиграни минути. 
 
Андреа Лекиќ и Алисон Пино со по шест гола беа најефикасни ракометарки на Вардар, Николи постигна три, Дембеле два, а скромен удел имаа Радичевиќ и Хмирова со по само еден погодок. Импресивна партија имаше голманката Амандин леино со дури 15 одбрани, колку што забележа и чуварката на мрежата на Будуќност Волтеринг. За црногорската екипа Мехмедовиќ даде пет, Цвијиќ четири, а Неагу три гола. 
 
Утре во финалето Будуќност ќе игра со домаќинот на завршниот турнир, унгарски Ѓер, којшто вп првиот полуфинален двобој претходно славеше над Митјиланд со 29-26.