Наградата „Григор Прличев“ врачена на Зоран Анчески
Охрид го одбележува јубилејот 130 години од смртта на еден од најистакнатите дејци и преродбеници од 19-от век, ловороносецот Григор Прличев. Во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“, денеска на поетот Зоран Анчески му беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во текот на изминатата година. Од пристигнатите четиринаесет дела, жири комисијата како најдобра ја избра неговата поема „Коњски житија“.

За поемата „Коњски житија“ на лауреатот Зоран Анчески, денеска во Охрид му беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2022-та година. Мотивот да ја напише поемата, како што рече поетот произлегла спонтано, бидејќи тој е вљубеник во литературата за коњите. Тоа го инспирирало да го напише ова дело во една интересна форма, во кое коњите ќе говорат за човештвото и за оваа цивилизација.
„Тие се еден вид меморија, тивка меморија на нашето постоење на оваа планета кои никогаш во ниедна прилика не ги искажале своите размисли во врска со животот и постоењето. Пеењата внатре се поврзани драмски монолози на посебни коњи, како што реков низ историјата, митологијата, фолклорот и легендите“, изјави Зоран Анчески, добитник на наградата „Григор Прличев“.
Уште по првото читање членовите на жири комисијата забележале дека поемата „Коњски житија“ ја напишал автор со големо поетско умеење, што е уште една потврда дека во нашата земја има големи творци.
„Веднаш ни се наметна мислењето дека се работи за човек кој многу работи познава, од митот, од поезијата воопшто, дека се работи за творец кој има големо знаење. Значи и поетско умеење и да кажеме една голема културолошка и литературна подлога“, вели Александар Прокопиев-претседател на жири-комисијата.
„Прличевите беседи“ продолжуваат утре со панихида и полагање на цвеќе на гробот на ловороносецот, а во возобновената куќа на поетот ќе се одржи настан под наслов „Стихови и звуци за Прличев“.
Сашо Нелоски
