Партиски реакции за чествувањето на Делчев
Трупање на полицијата и оневозможување на граѓаните да го чествуваат делото на македонскиот идеолог Делчев, вака коментираат од ВМРО-ДПМНЕ за вчерашниот амбиент со обезбедувањето на настанот од висок ризик во Скопје. Обезбедивме достоинствено чествување без инциденти, велат од СДСМ…

Денот кога Македонците, но и сите останати граѓани требаше да покажат обединување, мина во голема поларизација, коментираат од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, организацијата за чествувањето на роденденот на Делчев била скандалозна, затоа што како што велат – Владата натрупала полиција и им забранила на граѓаните масовно да дојдат до почивалиштето на Делчев.
Институциите на системот обезбедија достоинствено и гордо оддавање почит за ликот и делото на македонскиот великан Делчев, велат во СДСМ. Оттаму без коментар за каменувањето на македонскиот клуб во Благоевград, со образложение дека биле фокусирани на достоинствено чествување на овој значаен ден од историјата.
Одбележувањето на годишнината од раѓањето на Делчев мина во мирна атмосфера поради активното присуство и обезбедување од страна на полицијата, велат во владејачката партија.
Анита Димитријевска Велковска
