Земјотрес од 7,8 степени по Рихтер ја погоди Турција, над 500 лица загинати
Најмалку 500 луѓе загинаа, а над 2 илјади се повредени во Турција и Сирија по силниот земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер. Потресот со епицентар во јужна Турција, најсилен во последните 100 години. Спасувачките екипи трагаат по преживеани под урнатините...

Повеќе од 500 луѓе загинаа во Турција и Сирија откако земјотрес со јачина од 7,8 степени ги погоди двете држави. Ова е еден од најсилните потреси во регионот во последните 100 години. Стотици се повредени додека бројот на жртви се очекува да расте додека итните служби и локалните жители се во потрага по преживеани под урнатините од двете страни на границата.
Земјотресот бил на длабочина од 17,9 километри. 15 минути подоцна следувал уште еден земјотрес со јачина од 6,7 степени. Според турското Министерство за итни состојби 76 лица загинале, а стотици други се повредени. Според нив земјотресот првично ги погодил градовите Пазарџик, северно од Газиантеп, еден од најголемите индустриски градови во јужна Турција. Градот Нурдаги, бил епицентар на вториот земјотрес.
Се очекува бројот на жртви значително да порасне, бидејќи десетици станбени комплекси се урнати во големи градови во текот на ноќта, додека најголемиот број од жителите спиеле.
Турција е еден од најактивните сеизмички региони во светот, бидејќи нејзината територија се протега по должината на северноанадолискиот расед, кој предизвикува големи и деструктивни земјотреси.
Во 1999 година градот Измит и околниот регион Кочаели, во близина на Истанбул, беа погодени од земјотрес со јачина од 7,4 степени. Во тој земјотрес загинаа преку 17.000 луѓе и беше предизвикана огромна материјална штета.
Експертите подолго време предупредуваат дека голем земјотрес може да го разурне Истанбул поради големиот урбанистички бум без соодветни безбедносни мерки на претпазливост.
Марина Ристова
