Емил Павлов европски шампион

03.05.2014 21:17

Иако има само 22 години, уште од стартот во стил на искусен каратист Павлов освојуваше поен по поен, и во последната минута од финалната борба влезе со огромна предност од 5 : 0...

Македонскиот репрезентативец Емил Павлов триумфално го заврши настапот на 49 Европско првенство во карате, кое се одржува во Тампере. Во големото финале во категорија -60 килограми, во доминантен стил го одработи мечот против Данецот Каспер Лидегард, кому не му остави ни најмала надеж дека може да дојде до златото. Иако има само 22 години, уште од стартот во стил на искусен каратист Павлов освојуваше поен по поен, и во последната минута од финалната борба влезе со огромна предност од 5 : 0. Малото опуштање му донесе два поена за противникот, но до крајот нашиот репрезентативец освои уште еден поен, и со импресивни 6 : 2 го заврши финалето во манир на вистински шампион. Павлов ја комплетира фантастичната серија победи на вкупно 5, во кои најпвин завчера ги освојуваше симпатиите по победите над уште четворица свои ривали од БиХ, Швајцарија, Франција и од Холандија.

„Пресреќен сум од постигнатиот успех. Можеби сеуште не сум свесен што постигнав, затоа што тоа е остварување на сонот многумина каратисти од минатото. Направив навистина нешто посебно, за што сум горд, но ова е успех за кој се најзаслужни моите тренери Сашко и Жарко Арсовски кои се носители на медали од европски и светски првенства, и секако Каарате федерацијата на Македонија и претседателот Драган Стојановски. Тие ни ги овозможуваат сите услови, а ние каратистите се обидуваме да им возвратиме со достојни настапи. Не знам што уште да кажам во моментов, едноставно сум пресреќен од ова што го направив во Тампере, но ветувам дека нема да застанам тука. Имам уште многу пред себе во кариерата“ – изјави Емил Павлов, првиот Македонец кој освои златен европски медал.

Со овој огромен успех, македонското карате ја испиша најсветлата страница во историјата на европските шампионати. Досега имавме златен медал во 2011 година, благодарение на Наташа Илиевска која ја освои европската титула во категорија -55 кг, но ова е првпат химната на Република Македонија да се интонира на континенталните шампионати во машка конкуренција.