„Гајрет“ – концерт на Филхармонија со солисти од Македонија, Турција и Либан
Оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Гајрет“ на кој како солисти ќе настапат македонската перкусиониста Мојца Седеу и гостите од Турција – Бурџу Карадаг (неи) и Ајкут Коселерли (перкусии)...

Овој четврток, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Гајрет“, на кој како солисти ќе настапат македонската перкусиониста Мојца Седеу и гостите од Турција – Бурџу Карадаг (неи) и Ајкут Коселерли (перкусии). Диригент е Лубнан Баалбаки, а на програмата се Концерт во два става за солист на удиралки и оркестар од Љубомир Бранѓолица, Концертот за неи и оркестар „Хезафрен“ оп 39 од Фазил Сај и Симфонија бр. 8 од Антонин Дворжак.
Љубомир Бранѓолица е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Неговиот исклучително богат творечки опус вклучува опери и балети, камерни и хорски композиции, како и популарни песни. Важна карактеристика на неговиот музички опус е релацијата со традицијата која најмногу е потенцирана во балетското творештво на овој автор, како и во Концертот за перкусии и оркестар напишан во 2004 година. Ова дело ѝ е посветено на македонската перкусиониста Мојца Седеу, која ќе биде солистка на овој концерт.
Фазил Сај е исклучителен турски пијанист и композитор, кој повеќе од дваесет и пет години активно настапува на светската музичка сцена. Композиторот Ариберт Рејман, кога го чул во 1986 година како свири на конзерваториумот во Анкара, бил воодушевен од неговата изведба и веднаш го повикал американскиот пијанист Дејвид Левин да го слушне. „Мораш да го чуеш, ова момче свири како ѓавол“, рекол Рејман за 16-годишниот Сај. Концертот за неи и оркестар „Хезафрен“ е инспириран од приказната за отоманскиот научник, хемичар, филозоф и музичар Хезафрен Ахмет Челеби (1609 – 1640) и неговиот лет над Босфорот, за кој пишува и патописецот Евлија Челебија. Концертот е составен од четири дела – „Истанбул пролет 1632“, „Кула во Галата“, „Лет“ и „Егзил во Алжир“. Музиката е со типично ориентален призвук во кој Сај, покрај класичните инструменти, во оркестарот користи и сансула, вибратофон, вотерфон, кои креираат специфична атмосфера и звук во овој концерт.
