МНР

Средба Османи – Квинта амбасадори на ОБСЕ: Северна Македонија е подготвена да обезбеди политичко раководство на ОБСЕ

06.02.2023 11:53

Станува збор за амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, со кои Османи уште еднаш ја повтори заложбата на Претседателството со ОБСЕ во 2023 година, но и изрази силна благодарност за нивната континуирана поддршка во спроведувањето на програмата...

Денеска Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи оствари средба со „Квинта“ амбасадори на ОБСЕ од Виена. Станува збор за амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, со кои Османи уште еднаш ја повтори заложбата на Претседателството со ОБСЕ во 2023 година, но и изрази силна благодарност за нивната континуирана поддршка во спроведувањето на програмата.

Тој се осврна на приоритетите на Претседателството на Северна Македонија за изнаоѓање начини за промовирање на позитивни промени за луѓето, со примарен фокус на теренското присуство на ОБСЕ и поддршка на работата на теренските мисии низ регионот, со цел да можат да продолжат да даваат резултати, особено во актуелниот сложен контекст.

„Нашето мото ’За луѓето се работи‘ ги одразува нашите ориентации и цели како претседавачи со ОБСЕ и Северна Македонија е подготвена да обезбеди политичко раководство на Организацијата, стремејќи се да придонесе во процесите за поголема стабилност кои се клучни за севкупната европска безбедност“, рече Османи.

На средбата со „големата петорка“, меѓу другото, се разговараше и за поддршката кон Украина, за што Османи повтори дека ќе се работи и за обезбедување програмска поддршка со цел да се ублажат страдањата и уништувањата предизвикани од руската агресија, но потсети и дека во рамки на Претседателството, Северна Македонија ќе остане будна и континуирано ангажирана и за другите кризни региони кои бараат постојано внимание.

На средбата со петорката амбасадори, Претседавачот Османи изрази благодарност и за нивната политичка поддршка, осврнувајќи се на важноста од изнаоѓање заеднички синергии во контекст на исполнување на вредностите на Организацијата и придвижување на процесите напред, но не оттргнувајќи од принципите и заложбите на ОБСЕ.