Турција

Расте бројот на загинати, регистриран нов земјотрес од 7,7 степени по Рихтер

06.02.2023 12:44

Речиси илјада загинати, и повеќе од 5 илјади повредени, по силниот земјотрес од 7,8 степени по Рихтер, во Турција и во Сирија. Нема загинати и повредени македонски државјани, велат од МНР. Регистриран нов земјотрес со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала, соопшти ЕМСЦ. Светот подготвен за помош...

Расте бројот на загинати во Турција и Сирија откако земјотрес со јачина од 7,8 степени ги погоди двете држави. Ова е еден од најсилните потреси во регионот во последните 100 години. Стотици се повредени додека бројот на жртви се очекува да расте додека итните служби и локалните жители се во потрага по преживеани под урнатините од двете страни на границата.

Земјотресот бил на длабочина од 17,9 километри. 15 минути подоцна следувал уште еден земјотрес со јачина од 6,7 степени. Според турското министерство за итни состојби 76 лица загинале, а стотици други се повредени. Според нив земјотресот првично ги погодил градовите Пазарџик, северно од Газиантеп, еден од најголемите индустриски градови во јужна Турција. Градот Нурдаги, бил епицентар на вториот земјотрес.

„За жал, се соочуваме со многу силен земјотрес кој погоди огромна територија, вклучително и 10 градови. Претседателот Ердоган беше информиран веднаш по земјотресот и тој ја оркестрираше целата спасувачка работа уште од првата минута. Во тешки зимски услови се борат да ги испратат сите екипи под овие околности“, изјави Фуат Октај, потпретседател на Турција.

„Стотици цивили загинаа, а можеби илјадници луѓе беа повредени во земјотресот во северниот дел на Сирија. Многу згради во различни градови и села во северозападна Сирија се урнаа. Нашите тимови одговорија на сите локации и згради, а сепак многу семејства се под урнатините. Нашите тимови се обидуваат да ги спасат луѓето. Ни треба помош од сите за да го спасиме нашиот народ“, изјави Исмаил Алабдала, портпарол на сириската цивилна одбрана.

Се очекува бројот на жртви значително да порасне, бидејќи десетици станбени комплекси се урнати во големи градови во текот на ноќта, додека најголемиот број од жителите спиеле.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел рече дека Унијата е подготвена да помогне. Холандија со тим за потрага и спасување ќе се приклучи во потрагата по преживеани во Турција и во Сирија. Помош најавија и Грција и Русија.

Турција е еден од најактивните сеизмички региони во светот, бидејќи нејзината територија се протега по должината на северноанадолискиот расед, кој предизвикува големи и деструктивни земјотреси.

Експертите подолго време предупредуваат дека голем земјотрес може да го разурне Истанбул поради големиот урбанистички бум без соодветни безбедносни мерки на претпазливост.

Македонското Министерството за надворешни работи, стапи во контакт со нашата амбасада во Анкара и со генералниот конзулат во Истанбул, кои се во постојана комуникација со надлежните институции на Турција. Нашите ДКП-а во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, информираа од МНР.

 

 

Марина Ристова