Средба Пендаровски – Новак
Претседателот Пендаровски домаќин на унгарската претседателка Новак. Официјална Будимпешта со безрезервна поддршка за македонските евроинтеграции. По случувањата со чествувањето за Гоце Делчев, Пендаровски оцени дека односите со Бугарија се влошени...

Јасно е дека во последно време односите меѓу Македонија и Бугарија се влошени-оцени шефот на државата Пендаровски. Според него чествувањето на роденденот на Делчев, беше искористен за кревање на тензии, но македонската држава го положи тестот. Во однос на Декларацијата на бугарското Собрание - тој истакна дека не е ништо ново, и дека истата нема поддршка од официјален Брисел. Служи само за внатрешни политички поени во пресрет на нивните избори вели Пендаровски. За Македоците со бугарска самосвест кои своите права ги бараа во ЕУ, претседателот Пендаровски рече дека требале да се обратат на македонските институции, но тие за жал го одбрале погрешниот пат. Шефот на државата го коментираше и инцидентот на македонскиот граничен премин Деве Баир.
Унгарската претседателка Каталин Новак која пред неколку дена оствари средба со бугарскиот претседател Радев, рече дека жали за меѓусебните недоразбирања на релација Скопје – Софија, ја потврди унгарската политичка и советодавна поддршка за македонските евроинтеграции и истакна дека земјава неоправдано се држи во чекалната на ЕУ.
Во фокусот на средбата Пендаровски – Новак илегалните миграции, за кои унгарската претседателка посочи дека нејзината земја континуирано дава прва помош преку обезбедување на граничните премини на земјава.
Претседателите Пендаровски и Новак положија цвеќе на вечното почивалиште на македонскиот револуционер Гоце Делчев во Црквата Свети Спас.
Марина Стојанова-Тонева
