Интензивните разговори за влез на АА во Влада во завршна фаза
Преговорите за влез на Алијанса за Албанците во Владата, во завршна фаза. Официјалниот договор се очекува лично да го соопштат Ковачевски и Таравари, по финалната средба која сè уште не е закажана. Алтернатива сè уште чека каков ќе биде исходот по најавите дека ресорот Здравство ќе го земе партијата на Таравари...

Преговорите за влез на Алијанса за Албанците во владата се во завршна фаза, потврдуваат за МТВ од партијата. Официјалниот договор треба да го потврдат лидерот на СДСМ и премиер Ковачевски и претседателот на Алијанса за Албанците,Таравари. Средбата сè уште не е закажана. По една година министерување во здравство, Беким Сали e на чекор да ја предаде функцијата на кадар од Алијансата за Албанците.
На новинарите им рече дека не го гледаат последен пат, а откога тие му посочија дека матичната партија се откажува од него и го предава Министерството на друга партија додаде- и десет години да сте министер, никогаш нема да стигнете до крајот да ги решите проблемите во здравството, многу е важно она што ќе го кажете во јавноста и да го исполните.
Според него, ако е проблем неговата личност, тогаш неговата партија може да предложи друг кандидат. Сали негира дека алтернатива дефинитивно се откажала од Министерството за здравство. Од Алијанса пак во неколку наврати, потенцираа дека имаат најквалитетни кадри за ресорот здравство, па природно е како што рекоа да го бараат Министерството.
Во однос на проширувањето на парламентарното мнозинство, од ДОМ, коалициски партнер на СДСМ велат дека за нив од суштинска важност е да се дефинираат програмските приоритети и планот за нивна реализација, а не бројот на министерски и директорски позиции на партијата која претендира да стане дел од владиното мнозинство.
Игор Панов
