Светот подготвен за помош на Турција и Сирија, се трага по преживеани под урнатините
Расте бројот на загинати во катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија, со јачина од 7,8 степени по Рихтер. Почвата не престанува да се тресе. Регистрирани над 100-ина помали земјотреси. Спасувачките екипи трагаат по преживеани под урнатините. Светот подготвен да помогне. И Македонија испраќа помош...

Расте бројот на загинати во Турција и Сирија откако земјотрес од 7,8 по Рихтер ги погоди двете држави. Ова е еден од најсилните потреси во регионот во последните 100 години. Стотици се повредени додека бројот на жртви се очекува да расте додека итните служби и локалните жители се во потрага по преживеани под урнатините од двете страни на границата.
„Имам четири деца и сопруга. Бевме дома и мирно спиевме. Го почувствувавме земјотресот и веднаш се разбудивме бидејќи беше премногу силен. Живееме во четирикатница, на третиот кат. Земјотресот беше многу силен па се извлековме со децата со жена ми и истрчавме директно кон влезот од куќата. Господ не спаси“, рече преживеан во земјотресот.
„По земјотресот почнавме да примаме многу случаи, стотици жртви. Знаеме и имаме информации дека стотици пациенти сè уште се под урнатините. Ни треба итна помош“, рече д-р Мајди Ибрахим, хирург.
Земјотресот бил на длабочина од 17,9 километри. 15 минути подоцна следувал уште еден земјотрес со јачина од 6,7 степени. Според турското министерство за итни состојби 76 лица загинале, а стотици други се повредени. Земјотресот првично ги погодил градовите Пазарџик, северно од Газиантеп, еден од најголемите индустриски градови во јужна Турција. Градот Нурдаги, бил епицентар на вториот земјотрес.
„Во 4:17 часот ја доживеавме најголемата катастрофа на векот од земјотресот во Ерзинчан во 1939 година. Земјотресот, чиј епицентар бил во Пазарџик, Кахраманмарас. Бил почувствуван во многу широк регион“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
„Стотици цивили загинаа, а можеби илјадници луѓе беа повредени во земјотресот во северниот дел на Сирија. Многу згради во различни градови и села во северозападна Сирија се урнаа. Нашите тимови одговорија на сите локации и згради, а сепак многу семејства се под урнатините. Нашите тимови се обидуваат да ги спасат луѓето. Ни треба помош од сите за да го спасиме нашиот народ“, изјави Исмаил Алабдала, портпарол на сириската цивилна одбрана.
Се очекува бројот на жртви значително да порасне, бидејќи десетици станбени комплекси се урнати во големи градови во текот на ноќта, додека најголемиот број од жителите спиеле.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, борел рече дека Унијата е подготвена да помогне. Холандија со тим за потрага и спасување ќе се приклучи во потрагата по преживеани во Турција и во Сирија. Помош најавија и Грција и Русија.
Турција е еден од најактивните сеизмички региони во светот, бидејќи нејзината територија се протега по должината на северноанадолискиот расед, кој предизвикува големи и деструктивни земјотреси.
Експертите подолго време предупредуваат дека голем земјотрес може да го разурне Истанбул поради големиот урбанистички бум без соодветни безбедносни мерки на претпазливост.
Македонското Министерството за надворешни работи, стапи во контакт со нашата амбасада во Анкара и со генералниот конзулат во Истанбул, кои се во постојана комуникација со надлежните институции на Турција. Нашите ДКП-а во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, информираа од МНР.
Марина Ристова
