Спасувачите во битка со времето, продолжува потрагата по преживеани по разорниот земјотрес
Во Турција и Сирија напомош пристигнуваат тимови од над 45 земји. Поради зимските услови, спасувачите се во битка со времето. Доколку преживеаните од под урнатините не се спасат брзо, би можеле да премрзнат. Жителите во шок и неверување. Последователните потреси не им даваат мир. Преживеаните сведоци низ солзи раскажуваат за кобниот момент кога тлото не престана да се тресе повеќе од една минута…

Шок и неверување меѓу граѓаните на Турција и на Сирија. Од двете страни на границата, жителите кои останаа без сон од земјотресот, пред зори излегоа надвор во студена, дождлива и снежна зимска ноќ. Срамнетите згради и објекти влеваа дополнителен страв, дали нивните блиски се живи, имаат ли доволно воздух да издржат пред да бидат спасени од тимовите кои макотрпно ги поместуваат купиштата метал и бетонски тули.
„Имам четири деца, заедно со нив и мојата сопруга бевме дома и мирно спиевме. Го почувствувавме силниот земјотрес и веднаш се разбудивме. Моите три деца се тука со рани во главата и лицето, а ќерка ми е спасена без никаква повреда. Нашата зградата беше на четири ката, ниту еден од луѓето на другите три ката не преживеал“, вели Осама Абделхамид-ранет во земјотресот во Сирија.
„Спиев кога жени ми ненадејно ме разбуди … Се слушаше силен звук … Можеби поминаа две минути кога тресењето запре“, додава жител на Турција.
Во болниците во Турција и во Сирија постојано се хоспитализираат нови пациенти … Повредите се различни. Преживеаните имаат потреба од мали интервенции, па се до сериозни операции за да се спаси живот.
„По земјотресот примивме многу случаи, има стотици жртви. Знаеме и имаме информации дека стотици пациенти сè уште се под урнатините. Потребна ни е помош“, изјави д-р Мајди Ибрахим, хирург.
Последователните потреси не им даваат мир ниту на Турците ниту на Сиријците. Се стравува дека секој нов потрес би можел да биде кобен за оние кои чекаат помош и оние што се згрижени во објектите.
„Успеавме да извлечеме голем број преживеани и веруваме дека сè уште има многу заробени под урнатините. Граѓанската одбрана и другите агенции, дури и армијата ни помагаат да ги спасиме граѓаните“, рече Амер Исмаил, гувернер на Латакија.
„Во овој момент добивме известување дека се урнале 2.824 згради … Нашиот персонал продолжува да работи на теренот. Ни испраќаат спасувачки и медицински тимови за пребарување преку копнен и воздушен пат и покрај тешките зимски услови“, изјави Јунус Сезер, шеф на Агенцијата за управување со катастрофи во Турција.
Сите се надеваат дека живите ќе бидат спасени час поскоро бидејќи ниските температури ја отежнуваат работата. Времето е многу студено. Доколку преживеаните не се спасат брзо, тие може да замрзнат до смрт, особено децата.
Маријана Димовска
