Сеизмолошка опсерваторија

Земјотресите во Турција и Сирија немаат директно влијание врз земјава, но глобално ќе има зголемен сеизмички режим

06.02.2023 16:55

Колизија на големите тектонски плочи, африканската и евроазиската од една страна и арабиската плоча од друга страна, причината за разорните земјотреси во Турција и во Сирија, велат од Сеизмолошката опсерваторија. Директно влијание врз нашата земја немаат, но глобално ќе има зголемен сеизмички режим…

Директно влијание на ослободената енергија од низата земјотреси кои ја погодија Сирија и Турција, врз нашата држава нема, уверуваат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Но, глобално, ќе има зголемен сеизмички режим, во којшто се наоѓа и Македонија последните неколку години, почнувајќи од земјотресите во Драч, потоа во Хрватска, а сега и Турција, кој според Драгана Черних од Сеизмолошката опсерваторија, потекнува од исклучително сеизмичко активниот дел на Источниот Медитеран кој во изминатите 1.000 години има вакви силни земјотреси, сите со магнитуда над седум.

Колизија на големите тектонски плочи – африканската и евроазиската од една страна и Арабиската плоча од друга страна, се причината за разорните земјотреси во Турција и во Сирија, вели Черних од Сеизмолошката опсерваторија.

Турција е едно од најнестабилните сеизмички подрачја во светот. Во 1999-та година во силен земјотрес загинаа 17.000 луѓе. Следуваа земјотреси во 2003-та година со 170 жртви, 2011-та година со 600 и во 2020-та, со 40 загинати.

Александра Спировска