Турција

Расте бројот на жртви од разорниот земјотрес

06.02.2023 18:37

Расте бројот на жртви од разорниот земјотрес во Јужна Турција и Сирија. Над 1.500 загинаа. Повеќе од 5.000 повредени. Илјадници згради срушени. Почвата не мирува. Светот нуди помош. Ова е еден од најсилните потреси во регионот во последните 100 години…

Расте бројот на загинати во Турција и Сирија откако земјотрес од 7,8 Рихтери ги погоди двете држави. Ова е еден од најсилните потреси во регионот во последните 100 години. Земјотресот бил на длабочина од 17,9 километри. 15 минути подоцна следувал уште еден земјотрес со јачина од 6,7 степени. Земјотресот првично ги погодил градовите Пазарџик, северно од Газиантеп, еден од најголемите индустриски градови во Јужна Турција.

„Во 4:17 часот ја доживеавме најголемата катастрофа на векот од земјотресот во Ерзинчан во 1939 година. Земјотресот, чиј епицентар бил во Пазарџик, Кахраманмарас. бил почувствуван во многу широк регион“, Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

„Стотици цивили загинаа, а можеби илјадници луѓе беа повредени во земјотресот во северниот дел на Сирија. Многу згради во различни градови и села во северозападна Сирија се урнаа. Нашите тимови одговорија на сите локации и згради, а сепак многу семејства се под урнатините“, вели Исмаил Алабдала, портпарол на сириската цивилна одбрана.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел рече дека унијата е подготвена да помогне. Холандија со тим за потрага и спасување ќе се приклучи во потрагата по преживеани во Турција и во Сирија. Помош најавија и Грција и Русија.

„Турција го активираше механизмот за цивилна заштита и Европската унија веднаш реагираше. Мобилизиравме повеќе од десет урбани тимови за пребарување и спасување од голем број земји-членки. Тоа се Бугарија, Хрватска, Чешка, Франција, Грција, Холандија, Полска и РоманијаУнгарија, Италија, Шпанија, Малта и Словачка исто така понудија своја помош“, изјави Балаш Ујвари-портпарол на Европската комисија.

Турција е еден од најактивните сеизмички региони во светот, бидејќи нејзината територија се протега по должината на северноанадолискиот расед, кој предизвикува големи и деструктивни земјотреси. Експертите подолго време предупредуваат дека голем земјотрес може да го разурне Истанбул поради големиот урбанистички бум без соодветни безбедносни мерки на претпазливост.

Македонското министерството за надворешни работи, стапи во контакт со нашата амбасада во Анкара и со генералниот конзулат во Истанбул, кои се во постојана комуникација со надлежните институции на Турција. Нашите ДКП-а во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, информираа од МНР.

Марина Ристова