Кери: Русија итно да престане со поддршката на сепаратистите

04.05.2014 11:29

Кери изјави дека е важно Русија да ја повлече својата поддршка за сепаратистите, кои преземаа владини згради во десетина населби во југоисточна Украина, соопштија американските медиуми...

Американскиот државен секретар Џон Кери ослободувањето на седуммината воени набљудувачи од ОБСЕ во Украина го нарече позитивен чекор, но изјави дека Русија треба да направи повеќе за намалување на тензиите, соопштија светските агенции.
 
„Ние очигледно сме многу задоволни, што инспекторите од ОБСЕ денеска се ослободени. Тоа е чекор напред, но треба да се направи повеќе за намалување на напрегнатоста“, изјави Кери по
пристигнувањето во Киншаса.
 
Тој додаде дека денеска телефонски разговарал со рускиот колега Сергеј Лавров и дека двајцата, заедно со швајцарскиот претседател и министер за надворешни работи Дидие Буркхалтер, актуелниот претседател на ОБСЕ, ќе разговараат за тоа како организацијата да игра поголема улога во процесот на намалување на тензиите.
 
На крајот, ние ја потврдивме нашата поддршка за ОБСЕ, рече Кери, цитиран од британските медиуми.
 
Кери, исто така, изјави дека е важно Русија да ја повлече својата поддршка за сепаратистите, кои преземаа владини згради во десетина населби во југоисточна Украина, соопштија американските медиуми.
 
Тој посочи дека со Лавров, исто така, разговарале и за насилството во Одеса, каде вчера најмалку 42 лица загинаа во судирите меѓу приврзаниците и противниците на Владата.
 
Лавров, од своја страна, ги повика САД да го употребат целото свое влијание за да ги принудат киевските власти под итно да ги прекинат борбените дејствија во југоисточните региони на Украина, да ја повлечат војската и да ги ослободат учесниците во протестите, соопшти руското Министерство за надворешни работи, цитирано од ИТАР-ТАСС.
 
Лавров подвлече дека казнената операција во југоисточна Украина земјата ја турка кон братоубиствен конфликт.
 
Во разговорот со Кери, Лавров истакна дека е важно да се активира потенцијалот на ОБСЕ за намалување на тензиите во Украина и почнување на општонационален дијалог, најмногу по уставната реформа.