Расте црниот биланс, речиси 5.000 жртви
Расте бројот на загинати во земјотресите во Турција и Сирија. Бројката се приближува до пет илјади мртви. Светската здравствена организација прогнозира и до осум пати повеќе настрадани. Потрагата по преживеаните под урнатините продолжува. Но тлото не мирува. Ноќта мина со повеќе од 200 потреси. Стравот се поголем по најавите за обилни снежни врнежи и ледени температури. Помош стигнува од сите страни на светот...

Бројот на загинати во земјотресот од 7,8 степени по Рихтер на турско-сириската граница надмина 4500, но СЗО предупреди, може да порасне и до осум пати повеќе. Голем дел од жителите во Турција и во Сирија ноќта ја поминаа под отворено небо. Спасувачките екипи и во текот на ноќта во потрагата по преживеани под урнатините. Временските услови проследени со врнежи од дожд и снег ја отежнуваат ситуацијата.
„Имаме 14.483 повредени и 4.758 уништени објекти. 7.840 наши граѓани беа извлечени од под урнатините“, изјави Фуат Октај, потпретседател на Турција.
Нови застрашувачки видеа доаѓаат од Турција. Додека луѓето бараат преживеани од урнатините, зградите се уриваат околу нив. Анкара прогласи седумдневна жалост. Во погодената област во Турција поставени се над 41 илјада шатори. 65 земји од светот пристигнаа на помош. Жителите стравуваат од последователни потреси. Не планираат да се вратат назад во домовите.
„Од почетокот на војната мојата куќа беше гранатирана три пати. Се тресе темелот. Немав сила да се вратам. Излеговме од зградата во 4 часот наутро и досега не сме се вратиле назад“, рече Мејсам Дајуб, жителка на Алепо.
Спасувачките операции во текот на ноќта се спроведуваа и во соседна Сирија каде се верува дека има стотици луѓе под урнатините. Лекарите се во трка со времето за да спасат живот. Имаат недостатокот од вода и кислород.
Маријана Димовска
