Веќе трет ден Битола е со минусни температури
По неколкуте благи зими, последново заладување го почувствуваа и битолчани, кои некогаш се гордееја со издржливоста на познатите сибирски зими. Од итната медицинска помош велат, има благо покачување на бројот на повици за советодавни услуги. Засега, снегот фали за вистинска зимска идила. Снегот во какви такви количини го има само на Пелистер. Во ски центарот „Копанки“ денеска започна скијачката сезона...

Веќе трет ден, Битола е со минусни температури. Од -10 степени во полноќните часови, до околу -2 степени напладне. По неколкуте благи зими, ова заладување битолчани ги потсети на функционирањето при некогашните сибирски зими, велат дека старите навики лесно не се забораваат и дека време му е да застуди, барем да се уништат штетните инсекти.
Од итната медицинска помош, велат дека деновиве има благо зголемување на повиците главно за советодавни услуги.
Сувиот студ не е доволен да се почувствува зимската атмосфера, од неколкуте наврнати сантиметри изминатиов викенд ниту трага.
Од ЈП Нискоградба, велат дека зимската служба е во приправна состојба а има и доволни количини на абразивен материјал.
Оние што се љубители на снегот можат да го почувствуваат на Пелистер, иако и тука наслагите не се големи од ски центарот „Копанки“, успеаја да ја подготват патеката и денеска да ја отпочнат скијачката сезона, која доколку нема нови врнежи ќе нема долг век.
Стевче Митревски
