Продолжува потрагата по преживеани под урнатините, помош за погодените региони пристинува од светот
Над пет илјади загинати во земјотресите што ги погодија Турција и Сирија. Од СЗО предупредија дека бројката може да биде за осум пати поголема. Потрагата по преживеаните продолжува, над 65 земји стигнаа на помош во погодените региони. Истанбулскиот аеродром е преполн со волонтери коишто чекаат да бидат распоредени. Спасувачките операции се отежнати поради последователните потреси. Над 200 последични земјотреси се регистрирани во текот на ноќта. Лошите зимски услови проследени со врнежи од дожд и снег дополнително ја отежнува состојбата на терен...

Мајка и три малолетни деца се спасени од урнатините речиси 28 часа по разорниот земјотрес што ја погоди јужна Турција. И натаму постои надеж дека ќе бидат спасени што повеќе луѓе. Но, се зголемува бројот на загинати во земјотресите во Турција и во Сирија. Има информации за над пет илјади жртви. Спасувачките екипи во потрага по преживеани под урнатините. Од Светската здравствена организација предупредија дека бројот на загинати може да порасне и до осум пати. Испраќаат три чартер летови во Турција и во Сирија со медицински материјали. Мобилизирани се итните резерви.
„Сега е трка со времето. Секоја минута, секој час што минува, шансите да се најдат живи луѓе се намалуваат. Последователните потреси, тешките зимски услови, оштетувањата на патиштата, напојувањето, комуникациите и друга инфраструктура продолжуваат да го попречуваат пристапот и напорите за пребарување и спасување“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесу, генерален директор на СЗО.
На помош во Турција пристигнаа екипи од 65 земји. Истанбулскиот аеродром е преполн со стотици волонтери, спасувачи и членови на невладини организации кои се приклучија на напорите за помош. ЕУ мобилизираше тимови за пребарување и спасување, а најмалку 13 земји-членки понудија помош.
„Треба да се потсетиме на жртвите и на храбрите спасувачи кои работат деноноќно за да најдат преживеани. Многу од нив доаѓаат од земјите на Европската унија кои доброволно се пријавија. Работев напорно за да побараме поддршка и земјите-членки одговорија многу проактивно“, изјави Жозеп Борел, еврокомесар за надворешна политика и безбедност.
САД ја координираат итната помош за Турција, членка на НАТО. Во Калифорнија, речиси 100 пожарникари и градежни инженери, заедно со специјално обучени кучиња, беа испратени во Турција.
„Мажи, жени и кучиња од пожарникарската служба на округот Лос Анџелес навистина ќе се стават во ризик за да спасат животи, да откопаат луѓе и да помогнат во закрепнувањето. Ова ќе биде опасна мисија, но ние сме подготвени“, рече Ентони Мароне, шеф на противпожарната служба на округот Лос Анџелес.
Анкара прогласи седумдневна жалост. Националните власти и во Турција и во Сирија ги водат операциите за пребарување и спасување. Првичниот фокус е да се спасат што повеќе луѓе и да им се даде потребната грижа на повредените. Додека спасувачите ги пребаруваат урнатините, згради се уриваат околу нив.
„Зградите паднаа – многу луѓе загинаа. Скоро 50 луѓе загинаа овде. Синот на братучед ми, мама и тато, вујко ми, сопругата, внукот. Се чувствуваме многу лошо“, вели Алкан Ожан, роднина на жртви од земјотресот во Адана.
Голем дел од жителите во Турција и во Сирија ноќта ја поминаа под отворено небо или засолнети во привремени објекти. Во погодената област во Турција поставени се над 41 илјада шатори. Над 200 последователни потреси ги натераа луѓето да останат будни и да поминат уште една непроспиена ноќ.
„Од почетокот на војната мојата куќа беше гранатирана три пати. Се тресе темелот. Немав сила да се вратам. Излеговме од зградата во 4 часот наутро и досега не сме се вратиле назад“, рече Мејсам Дајуб, жителка на Алепо.
Повеќе од 20 осомничени борци на Исламска држава побегнале од затвор по земјотресот што го погоди регионот. Во воениот затвор Раџо, во близина на турската граница во северозападна Сирија, има околу 2.000 затвореници, од кои околу 1.300 се осомничени дека се бореле за Исламската држава. Во затворот има и курдски борци.
Маријана Димовска
