Нови дојави за бомби во повеќе училишта во Скопје
Дојави за бомби во повеќе основни и средни училишта ја прекинаа наставата. Евакуирани се вработените и учениците. Антитерористичките проверки се во тек. Стрес за безбедноста на децата, но и загриженост меѓу родителите како ќе се надополнат изгубените часови. Се уште нема официјални информации кои и од каде ги пушта пораките со заканувачка содржина за поставени експлозивни направи...

Нови закани за поставени бомби во 37 основни и 9 средни училишта на територија на Скопје. Антитерористичките екипи излегоа на терен, ги проверуваат училишните простории, а учениците и наставниот кадар веднаш по добиените дојави се евакуирани. Од МВР и овој пат велат се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Заканите за бомби се добиени по електронски пат на мејл адресите на училиштата.
Првото полугодие мина во постојани дојави за бомби како во основните така и во средните училишта покрај Скопје така и во други градови низ Македонија. Најмногу дојави за бомби дури 50, имаше на 15-ти декември минатата година.
Засега сè уште нема информација за тоа кој ги пушта лажните дојави за бомби. Полицијата единствено откри дека доаѓаат од швајцарски сервер.
Александра Максимовска
