Турција

Расте бројот на жртви, помош стигнува од сите страни

07.02.2023 16:13

Над пет илјади загинати по катастрофалните земјотреси во Турција и во Сирија. Потрага на спасувачите по преживеани меѓу урнатините. Почвата не мирува. Воведена тримесечна вонредна состојба во десет турски провинции. Помош стигнува од сите страни на светот…

На помош во Турција пристигнаа екипи од 65 земји. Истанбулскиот аеродром е преполн со стотици волонтери, спасувачи и членови на невладини организации кои се приклучија на напорите за помош.

„Досега се случиле 312 последователни потреси. Нашите напори за пребарување и спасување продолжуваат. Се спроведуваат операции за пребарување и спасување во регионот“, изјави Фуат Октај, потпретседател на Турција.

„Треба да се потсетиме на жртвите и на храбрите спасувачи кои работат деноноќно за да најдат преживеани. Работев напорно за да побараме поддршка и земјите членки одговорија многу проактивно“, рече Жозеп Борел, еврокомесар за надворешна политика и безбедност.

САД ја координираат итната помош за Турција, која е членка на НАТО.

„Мажи, жени и кучиња од пожарникарската служба на округот Лос Анџелес навистина ќе се стават во ризик за да спасат животи. Ова ќе биде опасна мисија, но ние сме подготвени“, изјави Ентони Мароне, шеф на противпожарната служба на округот Лос Анџелес.

СЗО предупредува дека бројката на загинати може да порасне и до осум пати. Испраќаат три чартер летови во Турција и во Сирија со медицински материјали. Мобилизирани се итните резерви.

„Сега е трка со времето. Секоја минута, секој час што минува шансите да се најдат живи луѓе се намалуваат. Последователните потреси, тешките зимски услови, оштетувањата на патиштата, напојувањето, комуникациите и друга инфраструктура продолжуваат да го попречуваат пристапот и напорите за пребарување и спасување“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

Руски тим за спасување од над 100 членови се вклучи во помош.

„Нашите спасувачи имаат огромно искуство ширум светот. Има радари за пронаоѓање луѓе на длабочина до 4,5 метри. Донесовме и кучиња обучени да бараат повредени луѓе под урнатините“, изјави Даниил Мартинов од руското Министерство за вонредни состојби.

Според информации од Сирија повеќе од 20 осомничени борци на исламска држава избегале од затвор по земјотресот што го погоди регионот.

Марина Ристова