Не стивнуваат реакциите меѓу Скопје и Софија
Не треба да се остава простор за какви било провокации и нарушување на односите со Бугарија, вели Ковачевски. Премиерот е оптимист дека по завршување на изборите во Бугарија, ќе продолжи дијалогот...

Не стивнуваат реакциите во Софија и Скопје за чествувањето на роденденот на Гоце Делчев. Премиерот Ковачевски потсети дека Владата и МНР го осудија однесувањето на бугарските државјани и на европратеникот Јорданов, за што е испратено писмо до Европскиот парламент и до Софија. Не треба да се остава простор за какви било провокации и нарушување на односите со Бугарија, вели Ковачевски. Премиерот е оптимист дека по завршување на изборите во Бугарија, ќе продолжи дијалогот.
„Во иднина треба да се остава што помалку простор за такви како посочениот господин кој вие го кажавте, како и за други кои единствено ги интересираат провокации и нарушување на добрососедските односи, бидејќи тоа се личности и политички партии кои не сакаат да го видат регионот во Европската унија“, изјави премиерот Ковачевски.
Бугарскиот министер за внатрешни Демерџиев пак, тврди дека речиси двесте бугарски државјани на граничните премини биле спречени од полицијата да влезат во Македонија и да положат цвеќиња на гробот на Делчев. Блокадата на Бугарите се случи во таканаречената „ничија земја“, што кај нив предизвика незадоволство, но во никој случај радикални чувства, смета Демерџиев. Според првиот бугарски полицаец, нападите врз бугарските културни клубови, нападот врз Пендиков, предизвикувале провокации, кои пак, довеле до контрареакции.
„Она што беше непријатно во овој случај е што дел од проблемите што ги посочив, не најдоа сила и волја да ги решат, со тоа што не дозволија многу бугарски граѓани да се поклонат на местото каде што се положени посмртните останки на Гоце Делчев. Бугарија во повеќе наврати покажала, а и јас самиот дадов јасен сигнал, дека нападите врз бугарските културни клубови, јазикот на омразата, нападот врз Пендиков, предизвикуваат провокации, кои пак, предизвикуваат контрареакции и ако не го запреме овој бран, тој ќе се претвори во лавина и ќе ги попречи целите што ги имаат двете земји“, изјави вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Бугарија, Демерџиев.
Сторителите на вандалскиот чин врз Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград се приведени во полиција, објавија дел од бугарските медиуми. Уапсените целосно го признале делото. Македонскиот клуб беше демолиран вечерта на 4-ти февруари, на годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
А, секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, кој се лекуваше во Софија, ќе добие стан во главниот град на Бугарија кој ќе му го плаќа МНР, соопшти техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков. Најави дека Пендиков во најбрз можен рок ќе добие и бугарско државјанство.
Милчо Велески
