Политика

Разговорите за окрупнување на мнозинството во завршна фаза

07.02.2023 17:00

Разговорите со Алијанса за Албанците се во добар дух и атмосфера којашто е насочена кон постигнување договор. Прогрес има во програмските определби и новите кадри, вели премиерот Ковачевски. Утре ќе разговара и со Гаши. Таравари вели, договорен е поголем дел од работите…

Работните тимови за проширување на владиното мнозинство наскоро ќе ги финализираат преговорите – потврди премиерот Ковачевски. Тој не сакаше да ги коментира конкретните позиции кои ќе и бидат отстапени на Алијансата на Албанците. Целта е вели Ковачевски да се обезбеди мнозинство кое има единствени ставови од аспект на одлуките за македонските евроинтеграции.

„Во такви разговори се говори за преземање на одговорност во рамки на кадровскиот потенцијал на секој коалициски партнер, но и во делот на преземање одговорност во делот на учество во владиното мнозинство. Разговорите се водат во навистина добар дух“, изјави премиерот Ковачевски.

Од партијата на Таравари велат дека повеќето прашања се затворени и дека се договорени поголемиот дел од работите.

Владата го усвои планот за активности што произлегуваат од стратешкиот дијалог со САД. Зајакнувањето на билатералните односи со САД, безусловно независна борба против корупцијата и криминалот, реформи во правосудство, и економска безбедност на нашата држава – остануваат во фокусот на Владата.

Марина Стојанова-Тонева