Робен – прва цел на Ван Гал
Луј Ван Гал, кој треба да биде новиот менаџер на Манчестер јунајтед, ќе направи напор на „Олд трафорд“ да го доведе Арјен Робен, тврди „Сан“.

Според влијателниот магазин, холандскиот фудбалски стратег е подготвен да плати 25 милиони фунти за да ги добие услугите на својот сонародник. Поради лошата сезона на „бебињата“ под водство на поранешниот менаџер Дејвид Мојс, клубот е подготвен да го одврзе кесето и во летниот период значително да го засили тимот.
Сепак, неизвесно е дали воопшто Робен ќе прифати да замине од Баерн Минхен каде што има извонреден статус. Пред еден месец Холанѓанецот потпиша нов договор со баварците којшто е со важење во наредните три сезони. Но за да има воопшто некаква можност Робен да се врати на островот, најпрво Ван Гал треба да биде назначен за кормилар на Јунајтед. А пред да размислува за клупските ангажмани, селекторот на Холандија во овој период веќе има важна обврска – да го подготви националниот тим за настап на Светското првенство во Бразил.
