ТУРЦИЈА-СИРИЈА

Во погодените места од земјотресот жителите имаат потреба од храна и затоплување

08.02.2023 10:11

Во Турција и во Сирија помош пристига од сите страни, но за многумина прекасно. Регистрирани се 8400 загинати, а бројката дополнително би можела да расте...

По 47 часа поминати под урнатините, Фатма и нејзиниот син безбедно се извлечени од под купиштата бетон и метал во градот Ајдаман во Турција што беше погоден од силниот земјотрес од 7,8 рихтери.

Во Турција и во Сирија помош пристига од сите страни, но за многумина прекасно. Регистрирани се 8400 загинати, а бројката дополнително би можела да расте.

„Со полна брзина продолжуваме по потрагата по преживеаните. Имаме речиси 35 илјади повредени. Нема промени во нашите уништени згради и натаму бројката е 5.775“, изјави Фуат Октај, потпретседател на Турција.

Во погодените подрачја граѓаните негодуваат поради бавната реакција на властите по разорниот земјотрес. Жителите на градот Газиантеп наведуваат дека 12 часа по земјотресот не пристигнала ниту една спасувачка екипа и дека морале сами да ги пребаруваат урнатините. Кога спасувачите конечно дошле во понеделникот вечерта, работеле само неколку часа. На спасувачите им отежнува големиот студ, уништените патишта и лошата инфраструктура. Преживеаните пак се соочуваат со недостаток од основните услови за живот.

„Три дена сме гладни. Нашата општина и другите сè уште не ни помогнаа. Ги повикувам надлежните, сакаме да се слушне нашиот глас. Нашите деца и семејството се очајни, се смрзнуваме од студ, ние не можеме да влеземе во нашите домови“, рече Јасар Магара.

„Ни треба се, немаме шатор, немаме шпорет за греење, немаме ништо. Нашите деца се во лоша состојба, сите сме на дождот и студот. Не умревме од глад и земјотрес, но ќе умреме премрзнати од студ. Не треба да биде вака. Никој не испраќа помош“, вели Ајсан Курт, 27-годишен работник во ресторан.

Анкара прогласи вонредна состојба во наредните 3 месеци во подрачјата погодени од силниот земјотрес и над 200 последователни автершокови.

 

Маријана Димовска