Нема осуда за нападот врз македонскиот клуб
Од македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, бараат бугарските власти да го осудат каменувањето на клубот, како што тоа го направија и македонските. Сметаат дека, мотивот за нападот од четворицата сторители што ги откри полицијата, бил за собирање политички поени пред изборите...

Од македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, бараат бугарските власти да го осудат каменувањето на клубот, како што тоа го направија и македонските. Сметаат дека, мотивот за нападот од четворицата сторители што ги откри полицијата, бил за собирање политички поени пред изборите.
„Не може во држава, каде што има закони за вакви напади да се зборува што се прави во друга држава. Ако некој направи нешто, за тоа си има полиција и согласно законите во Македонија ќе следи санкција. Овде, во Бугарија, има други закони, со кои во принцип се толерира и им се дава право на некои да рушат. Полицијата веќе ги откри напаѓачите и ние ќе си бараме отштета. Успеавме да собереме пари за штетата и најдовме мајстор стаклар за поправка на предното стакло на клубот. Клубот ќе биде отворен се надеваме следниот понеделник“, изјави Атанас Мазнев од македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ – Благоевград.
Градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов, од партијата на Славе Трифунов „Има таков народ“, не го осуди нападот врз македонскиот клуб. Единствено, откри дека каменувањето го извршиле вработени во општинското претпријатие „Озеленување“ и нивните сопруги, но нема намера да ги казни. Ако се докаже нивната вина, вели дека ќе го примени принципот на реципроцитет на казните.
„Тоа значи дека, ќе ги казнам оние кои работат во општина Благоевград со точно иста казна, со која ќе бидат казнети цариниците, граничната полиција и другите вработени во Република Северна Македонија, кои предизвикаа психичко и физичко насилство врз многу бугари. Во моментот кога ќе бидат отпуштени вработените во Северна Македонија, кои ги малтретираа бугарските граѓани, веднаш ќе ги отпуштам вработените во општинското претпријатие „Уредување на простор“ на општина Благоевград“, рече градоначалникот Стојанов за бугарски медиуми.
Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, беше каменуван вечерта на 4-ти февруари, по забраната за влез во Македонија на бугарски државјани кои предизвикаа инцидент на граничниот премин Деве Баир.
Ирина Гелевска
