САД

Бајден побара единство во Конгресот

08.02.2023 12:14

Повик за единство во поддршката за Украина – побара американскиот претседател Бајден. Во годишното обраќање пред Конгресот се осврна и за стратешката конкуренција со Кина...

Американскиот претседател Бајден во редовниот годишен говор за состојбата во нацијата повика на единство во остро поделениот Конгрес, го пофали зголемувањето на работните места, а се осврна и на темите за војната во Украина и стратешката конкуренција со Кина. Рече дека иако САД ќе соработуваат со Пекинг кога тоа е од корист, Вашингтон ќе дејствува за да ја заштити земјата доколку е потребно, повикувајќи се на неодамнешното соборување на кинески балон што леташе над земјата.

„Како што јасно покажавме минатата недела, ако Кина му се заканува на нашиот суверенитет, ние ќе дејствуваме за да ја заштитиме нашата земја, и тоа го направивме“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Бајден говореше и за руската агресија врз Украина, и рече дека САД и НАТО одлучно му се спротивставиле на Путин.

„Заедно го направивме она што Америка секогаш го прави најдобро. Ние водиме. Го обединуваме НАТО. Изградивме глобална коалиција. Застанавме против агресијата на Путин. Застанавме со украинскиот народ“, додаде Бајден.

Бајден ја нарече американската демократија „нескршена“, го поздрави закрепнувањето на американската економија и отворањето рекордни 12 милиони работни места.

„Ние сме единствената земја којашто излегува од секоја криза посилна. Тоа е она што го правиме повторно. Пред две години, демократијата се соочи со најголемата закана од граѓанската војна. Го пишуваме следното поглавје, големата американска приказна, приказна за напредок и издржливост“, истакна претседателот Џо Бајден.

Републиканците од Тексас ја изразија својата загриженост за долгот на нацијата.

„Погледнете ја разликата во две години кога нашата економија беше под претседателот Трамп, најдобрата економија што ја имавме во последните 60 години, најниската стапка на невработеност во историјата“, изјави Брајан Бабин, републиканец од Тексас.

Демократите, пак, укажаа на достигнувањата на Бајден.

„Претседателот работи на премостување на јазот во политиката во Вашингтон. Направивме повеќе во минатиот Конгрес, повеќето отколку последните 20 конгреси заедно“, вели демократот Џејк Очинклос.

Бајден иницира и окончување на кавгите во Конгресот околу горната граница на задолжувања. Ако таа не биде подигната во идните месеци, на земјата ѝ се заканува платежна неспособност.

 

Марина Ристова