Турција-Сирија

Временските услови ги отежнуваат спасувачките операции, расте црниот биланс на жртви

08.02.2023 12:21

Снежните врнежи и ниските температури ги отежнуваат спасувачките операции во Турција и Сирија. Околу 9 илјади жртви е црниот биланс од катастрофалните земјотреси. Прогласена е тримесечна вонредна состојба во Турција. Недостиг од храна и основни услови за живот во некои делови од критичните подрачја погодени од земјотресот. Помош пристигнува од целиот свет...

По 47 часа, Фатма и нејзиниот син безбедно се извлечени под купиштата бетон и метал по земјотресот во Турција од 7,8 степени по Рихтер.

И храбриот тригодишен Ариф Кан по изминати 43 часа под урнатините конечно вдиша чист воздух.

Во Турција и во Сирија помош пристига од сите страни, но за многумина предоцна. Бројот на загинати од час на час расте. Времето истекува. Луѓето очајно ја продолжуваат потрагата по преживеани.

„Нема да се вратиш да помогнеш. Лажете, не прифаќам да не напуштите“, рече жителка на Антакија.

Спасувачите се во трка со времето. Големиот студ, уништените патишта и лошата инфраструктура го отежнуваат трагањето.

„Има многу урнатини. Во моментов, на нашите кучиња им е навистина тешко за да ја откријат различната миризба што може да се појави од внатрешноста на зградата“, изјави потполковник Сирил Шово, од Агенција за цивилна одбрана на француската Влада.

„Во последните часови успеавме да спасиме три лица кои се примени во болница, едно момче всушност беше 45 – 46 часа под урнатините, и го спасивме. Сите се многу уморни и исцрпени, но секој го дава максимумот“, рече Симон Гутзет, член на хуманитарна организација од Германија.

Преживеаните негодуваат поради бавната реакција на властите по разорниот земјотрес. Се соочуваат со недостиг од основните услови за живот.

„Три дена сме гладни. Ниту нашата општина и ниту другите, сè уште не ни помогнаа. Ги повикувам надлежните, сакаме да се слушне нашиот глас!“-вели Јасар Магара.

„Ни треба се! Немаме шатор, немаме шпорет за греење, немаме ништо. Нашите деца се во лоша состојба, сите сме на дождот и студот. Не умревме од глад и земјотрес, но ќе умреме премрзнати од студот. Не треба да биде вака. Никој не испраќа помош“, рече Ајсан Курт, работник во ресторан.

На територијата на Турција и Сирија се регистрирани над двесте последователни афтершокови.

 

 

 

 

Маријана Димовска