Нема источно полуфинале за Антиќ
Лос Анџелес Клиперс, Оклахома и Индијана обезбедија место во вториот круг од разигрувањето за титулата во НБА лигата.

Атланта на Перо Антиќ загуби во мајсторката од Индијана со 92-80. Откако не успеа да го добие шестиот натпревар пред своја публика и со тоа да ја затвори серијата, екипата на македонскиот интернационалец не беше на ниво во решавачкиот дуел, иако претходно победи на две од трите гостувања кај „Пејсерс“. Антиќ одигра нешто повеќе од 20 минути и ги промаши сите пет шута од поле. Пол Џорџ со 30 коша ја предводеше Индијана, а кај Атланта најпрецизен беше Кајл Корвер со 19 поени.
Во наредната рунда од разигрувањето, Индијана оди на Вашингтон, а Мајами ќе го чека подобриот од серијата меѓу Бруклин и Торонто. На западот, исто така, има само уште едно празно место во полуфиналето. За него во мајсторка ќе се борат Сан Антонио и Далас. Подобриот од нив ќе се сретне со Портланд, а Клиперс и Оклахома ќе ја формираат другата двојка.
Ноќеска Клиперс се радуваа против Голден Стејт со 126-121 за 4-3 во победи, а на ист начин, по седум средби, Оклахома го елиминираше Мемфис. Во решавачкиот дуел, Дурант и Вестбрук постигнаа точно половина од поените на Оклахома за победа со 120-109.
