Се заканува епидемија од морбили, ниска е стапката на вакцинирани деца со МРП вакцина
Поради ниската имунизација, повторно има ризик од епидемија на морбили во земјава. Опфатот со МРП вакцина е 70 проценти, во 2018-та, кога заразата забрзано се ширеше, беа вакцинирани 75 насто од децата. Професорката Ставриќ тврди – родителите не треба да стравуваат, вакцината е безбедна...

Ризикот да се повтори епидемија од морбили е реален, предупредува професорката Ставриќ. Во соседството се регистрирани 25 деца, граѓаните патуваат, заразата брзо се шири. Во време на пандемија опфатот на имунизација на децата падна, но сега мора да се зголеми бројот на покриени со МРП вакцина, за да не ни се повтори 2018. Епидемијата на морбили ни се случи кога опфатот беше 75 проценти, сега е понизок.
Ние ја прекинавме епидемијата кога за краток период од 4-5 месеци беа имунизирани 45 илјади деца, вели Ставриќ. Бил постигнат опфат од 95 проценти. А немало ниту еден несакан случај.
Согласно извештајот за реализација на Програмата за задолжителна имунизација на населението во нашата држава во 2021 година, изготвен од Институтот за јавно здравје, кај дел од вакцините се бележи благ раст во опфатот, така на пример за ДТП и полио вакцина изнесува 80,9 проценти, за МРП вакцина опфатот изнесува 70,4 проценти. Наша тенденција е да се достигне препорачаниот опфат од СЗО од 95% на национално ниво, велат од Министерство за здравство.
Наташа Јанчиќ Менковски
