Хуманитарна акција

Над 150 медицинари се пријавиле да помогнат во Турција

08.02.2023 12:55

Повеќе од 150 здравствени работници од земјава се пријавиле да заминат во критичните подрачја погодени од земјотресите во Турција. Списокот со доброволци се доставува до Центарот за управување со кризи и на координација со НАТО. Се чека одговор од турските власти...

Повеќе од 150 медицински лица доброволно се пријавиле да заминат и да помогнат во урнатите подрачја од земјотресот во Турција. Министерот Сали очекува да се пријават и други. По изготвувањето, списокот на доброволци ќе го понудат во Центарот за управување со кризи, а потоа во комуникација со НАТО заедно со турските власти ќе ги информираат за човечките и материјалните ресурси кои ги имаме на располагање. Понудени се и двете комбиња специјализирани за интензивна нега кои ги добивме како донација за детската клиника. Комплетирани со два тима од лекар, возач и медицинска сестра.

„Јас би сакал уште вчера да тргнеа, но ги почитуваме сите протоколи преку ЦУК и НАТО. Канали на комуникација со ЦУК во Турција и чекаме од нив одговор кога они ќе кажат што конкретно им треба за да тргнеме. Ние сме спремни“, изјави Беким Сали, министер за здравство.

Доставен е и список на лекови обезбедени од компании и донации за кои се чека одговор од турските власти, за она што им е неопходно да биде испратено.

Кон Турција се упати тим од 24 припадници на македонската армија, како и пожарникарски екипи и други спасувачи.

 

Андријана Ѓурческа