Солидарност

Да се донираат парични средства, испораката на производи е комплицирана

08.02.2023 16:36

Досега за помош на настраданите преку телефонски донации и Фондот за солидарност се собрани 10 милиони денари. Црвениот крст апелираше оние кои сакаат да помогнат да донираат парични средства, оти испораката на производи ја комплицираат процедурите. Она што досега е собрано како пакети помош ќе биде доставено во текот на иднава недела…

Граѓаните кои сакаат да им помогнат на настраданите во стравотниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија да донираат исклучиво парични средства, велат од Црвениот крст. Објаснуваат дека донациите во форма на храна, облека, покуќнина и други корисни работи што се собираат на хуманитарните пунктови не се во можност да ги испорачаат поради отежнатите царински процедури оти законите бараат – за производите да постои доказ за потекло и декларација. Производи може да донираат единствено компаниите и фабриките кои ги поседуваат овие документи.

Преку донаторските телефонски линии и Фондот за солидарност досега се собрани 10 милиони денари, а Црвениот крст обезбеди и 1.000 семејни пакети храна и исто толку со хигиенски средства.

Транспортот на собраната материјална помош се планира да се реализира по копнен пати и со авиотранспорт, а првите пакети ќе се испорачаат идната недела.

Анита Димитријевска Велковска