Финишираат разговорите за зголемување на мнозинството
Финишираат разговорите за зголемување на владината коалиција. Официјално, не се открива кои ресори ќе завршат во рацете на Алијансата на Таравари. Од СДСМ за МТВ велат дека преговорите меѓу работните групи сè уште траат. Алтернатива чека конкретен предлог на маса. Лидерот на опозицијата Мицкоски остана на ставот дека политичката сцена се претворила во естрада. Според него, и да нема предвремени избори, во земјава нема ништо да се промени до редовниот термин за гласање…

Во јавноста различни информации дали се завршени или не разговорите за влез на Алијанса за Албанците во Владата. Според државната МИА договор веќе е постигнат за влез на партијата на Таравари во владината коалиција, согласно кој ќе има три министри – за правда, за здравство, и евентуално, позицијата вицепремиер задолжен за економски прашања.
Од СДСМ за МТВ кратко велат- преговорите на работните групи сè уште се во тек. Не ги коментираат наводите за веќе постигнат договор за ресори. Се чека одговорот и на Алтернатива. Министерот за здравство и потпретседател на партијата, Беким Сали изјави дека сè уште немаат добиено „конкретен предлог на маса“ за позициите во идната влада.
За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, политичката сцена СДСМ и ДУИ ја претвораат во естрада. Според Мицкоски, наместо подобар живот за граѓаните, приоритет се криминалните тендери. Тој оцени дека и да нема предвремени избори, нема ништо да се промени за 10 месеци до редовните избори.
Конечниот договор меѓу премиер Димитар Ковачевски и лидерот на Алијанса Таравари треба да биде потврден на заедничка средба. Се најавува дека претходно, Ковачевски треба да ги информира и коалициските партнери за разговорите со Алијанса.
Марина Стојанова Тонева
