Здравство

Почина Благојче Илиевски, најтешко болниот пациент од цистична фиброза во земјава

08.02.2023 17:00

Почина Благојче Илиевски, пациент со цистична фиброза. Во асоцијацијата револт – велат, Благојче до последен здив веруваше дека ќе ја дочека новата терапија со „Трикафта“. Министерот за здравство Беким Сали не дава временска рамка кога пациентите ќе го добијат лекот. Се надева оти законските измени, кои се потребни за лекот директно да се набави од производителот, набрзо ќе поминат во Собрание…

Почина Благојче Илиевски, најтешко болниот пациент од цистична фиброза во земјава. Тој не го дочека лекот „Трикафта“ којшто го чекаше до последен здив, велат од Асоцијацијата за цистична фиброза.

Асоцијацијата веќе три години ги моли институциите да го обезбедат лекот „Трикафта“. Велат, недопустливо е да нема пари за болните од оваа ретка болест.

Министерот за здравство Беким Сали не дава временска рамка кога пациентите ќе го добијат лекот „Трикафта“. Тој рече дека се детектирани членовите на законите што треба да бидат изменети за да може да се обезбеди терапија преку директни преговори со производителот.

Лекот „Трикафта“ за еден пациент годишно чини 300.000 евра, а во земјава има околу 65 пациенти.

Александра Велинова