Здравство

Новата болница во Кичево се гради 37 години

09.02.2023 09:01

Цели 37 години се гради новата болница во Кичево. Директорот вели последното ветување го добиле, лани во мај, од министерот Сали, кој ветил 1 милион евра за завршување на градежните активности, но на терен сè уште ништо. Менаџментот на болницата нема информации на што се должи стагнацијата на изградбата, ниту знаат дали и кога ќе биде готов новиот објект со оптимални услови за лекување на бројните пациенти...

Стагнира изградбата на новата болница во Кичево. Објектот започна да се гради во 1985 година и не е завршен до денес. Со години се добиваат нови ветувања од владата и министерството за здравство, но и после 37 години објектот е сè уште во градба.

Директорот вели последното ветување го добиле од министерот Сали, ветил 1 милион евра за завршување на градежните активности.

„Со доаѓањето на новиот министер, имавме посета и од министерот Сали во еден наврат имавме изјава дека се обезбедени 1 милион евра за изградба на новата болница, но на терен за жал иако немаме ингеренции гледаме дека слабо се движат работите“, вели Станко Трпески директор на ЈЗУ општа болница Кичево.

Менаџментот на болницата нема информации на што се должи стагнацијата на изградбата, ниту знаат дали и кога ќе биде готов новиот објект со оптимални услови за лекување на бројните пациенти.

„Заедно со градоначалникот во неколку средби се ангажираме да влеземе во нови современи услови коишто ќе бидат оптимални за работа на медицинскиот персонал. 0325 Меѓутоа за жал немаме импликации за преселување во новата болница“, додава Трпески.

Во кичевската болница се лекуваат пациенти од целиот регион кој опфаќа околу 35.000 жители.

„Во наредниот период интензивно ќе работиме на констатираните предизвици и нивното надминување во интерес на унапредување на здравствените услуги за кичевчани“, рече министерот Сали лани во мај кога ја посети кичевската болница.

Инаку, тој е 12-ти министер за здравство по ред кој ветува дека ќе ја заврши оваа болница по 37 години од почетокот на нејзината градба.

 

 

Соња Рилковска